Запознајте ја Емилија Николовска. Собира медали на натпревари по природни науки и сонува да студира на светски универзитет

Запознајте ја Емилија Николовска. Собира медали на натпревари по природни науки и сонува да студира на светски универзитет

Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Шеснаесетгодишната математичарка вели дека иако образовниот систем во нашата земја не е совршен, има значајни подобрувања, а пример за тоа е нејзиното средно училиште, кое става акцент токму на талентираните ученици

Емилија Николовска е дел од првата генерација средношколци запишани во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, каде што се образоваат талентирани ученици по математика, информатика и физика. Доаѓа од Охрид, каде што го завршила основното образование како првенец на генерација.
Долго размислувала во која насока да го продолжи средното образование, но учеството на многу натпревари од областа на природните науки и математиката, искуството и љубовта кон тие науки ѝ помогнале да ја донесе конечната одлука и да се посвети кон овие области.

- Изборот на средно училиште не беше лесен. Но, олеснителна околност беше тоа кога дознав дека првпат по многу години во нашата држава се отвора Математичко-информатичка гимназија. Тоа го сфатив како знак дека треба да продолжам во таа насока и веднаш моето внимание го насочив кон подготвената програма и наставните единици што ќе се изучуваат во тоа училиште, а за кои имаше известување. Темите од математика и информатика се доста потешки и покомплексни од редовната настава, но токму во тоа е предизвикот. Поинтересно е за истражување, размислување и за работа. Акцент се става и на физиката која, благодарение на добро разработената математика, е многу поразбирлива и поинтересна за нас - вели Емилија.

Шеснаесетгодишната математичарка вели дека иако образовниот систем во нашата земја не е совршен, има значајни подобрувања, а пример за тоа е нејзиното средно училиште, кое става акцент токму на талентираните ученици.

Натпреварите - мотив за избор на средно училиште

Уште како мала ја засакала математиката, особено во четврто одделение кога освоила прво место на училишниот натпревар по математика.
Тоа ја мотивирало почесто да вежба и слободното време да го поминува во решавање задачи, за кои вели дека не ги доживува како обврска, туку ги совладува со интерес и со љубов.

- Кога работиш на нешто посветено, резултатот е неизбежен. Истата година кога ја освоив првата награда, освоив уште две први награди на општински и на регионален натпревар. Оттогаш секоја година учествувам на натпревари по математика - вели Емилија.

Во осмо одделение била прва на државниот натпревар по физика и дел од македонскиот тим на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки (ИЈСО), која се одржала во Катар, каде што освоила бронзен медал. Во деветто одделение била дел од тимот што ја претставувал Македонија на Јуниорската балканска математичка олимпијада (ЈБМО). Има освоено две сребра и една бронза на Јуниорската македонска математичка олимпијада и први награди на државните натпревари по математика.



Неделно се учи шест часа информатика и девет математика

За запишување во Математичко-информатичката гимназија, морала да помине на приемен испит, кој се состоел од прашања по физика и по математика, формирани според програмата за основно образование.

- Имаме шест часа информатика и девет часа математика неделно, а програмите по другите предмети се скратени, со цел да ни се овозможи повеќе време да посветиме на математиката и на информатиката, токму поради честите учества на натпревари. Главен критериум за еден ученик да се запише во оваа гимназија е да има желба за изучување на овие области, но, пред сѐ, љубов и желба за надградување во овие области бидејќи училиштето го овозможува тоа - посочува таа.

Емилија вели дека за разлика од другите гимназии, тие учат повеќе материјал од математика и информатика, што е од големо значење за тие што ги интересираат овие области и планираат во иднина да се занимаваат со нив.


Од државен натпревар по математика

- Комплексноста на задачите што ги изучуваме и посветеноста на професорите многу ми помогнаа при овогодишното учество на натпреварите. Оваа гимназија нуди и можност за учество на многу различни натпревари. Влегов во тимот за подготовки за олимпијадите по хемија, кој го организира Сојузот на хемичари и технолози на Македонија. Досега бев на општински и регионален натпревар по физика, каде што освоив први места, бев дел од македонскиот тим на Европската женска математичка oлимпијада (ЕГМО), каде што освоив бронзен медал и дел од тимот за Европската oлимпијада по физика (ЕуПхО), која наскоро ќе се одржи, а на државниот натпревар по информатика зедов трето место. За сите овие успеси имав голема поддршка од класниот раководител и од соодветните професори, кои дадоа сѐ од себе да ми помогнат, преку додатни часови каде што решававме потешки проблеми, дури и за светски и европски натпревари - објаснуваа средношколката.



Според неа, имаат и можност за индивидуални часови со наставниците, особено пред натпреварите. Тогаш ги расчистуваат сите нејасностии и дилеми.
Голем мотив е и тоа што за секоја награда следуваат парични средства и секоја година можат да се аплицираат за градска или државна стипендија.

Амбиции за „Кембриџ“, „Оксфорд“ и „Харвард“

Оваа година со пандемијата, и покрај сите тешкотии, наставата во оваа гимназија се реализирала успешно: Емилија вели дека класовите немаат многу ученици, што е предност и овозможува секој да се изјасни, да го каже своето мислење и да праша ако има нешто нејасно.
- Секако дека во живо наставата би била подобра. Така ќе може да се чувствува енергијата при работата, а би имало повеќе дружба и дискусија. Сепак, виртуелната настава не е лоша зашто како информатичари може да работиме на наш компјутер, а и сите други предмети можат да ја користат како предност за да гледаме различни видеа, објаснувања и изработка на проекти, презентации - додава средношколката.


Со наставниците

Емилија смета дека изборот на оваа гимназија ќе ѝ помогне во иднина, првенствено поради тоа што многу од наставните единици што се изучуваат на одредени факултети ќе ги има веќе усовршено до крајот на средното образование.
- Така, во моето факултетско образование ќе можам повеќе да се надградувам и да напредувам, ќе имам повеќе време и простор во градењето на својата кариера - вели таа.

По завршување на средното образование, Емилија се гледа како студент на некој од престижните факултети, како „Кембриџ“, „Оксфорд“, МИТ, „Харвард“ итн.
- Подоцна и со докторат во некоја област која ги користи математиката, физиката и информатиката, за што сметам дека имам уште време да размислувам. Би сакала да работам во центар за научни истражувања, каде што ќе можам да го искористам сето знаење што го имам, а секако и да научам нешто ново, но и да најдам нешто неоткриено - заклучува таа.



Фото: Приватна архива