Нема повеќе лажење за годините на „Инстаграм“: Возраста на корисниците ќе се проверува со вештачка интелигенција

Нема повеќе лажење за годините на „Инстаграм“: Возраста на корисниците ќе се проверува со вештачка интелигенција

Подготвил: Тамара Гроздановски

„Инстаграм“ ги промени правилата за прикажување содржини за тинејџери за да ги заштити малолетниците од штетна содржина на нивната мрежа, но младите без поголеми проблеми ги заобиколуваат таквите правила, менувајќи ги датумите на раѓање. Но, оваа форма на мамење на „Инстаграм“ наскоро завршува, барем за корисниците во САД, а оваа социјална мрежа во Америка ќе почне да применува нови методи за потврдување на точната возраст на корисниците.

Еден од овие три методи за многумина би можел да биде контроверзен бидејќи вклучува - снимање видео-селфи. Останатите два методи вклучуваат поставување на лична карта со која младите ќе можат да потврдат колку години имаат, а другиот е нивната возраст да ја потврдат тројца возрасни кои имаат свои профили на „Инстаграм“.

За да ги идентификува годините преку селфи, „Мета“ ќе ги користи услугите на британската компанија „Јоти“. Нивната технологија базирана на вештачка интелигенција може да ја одреди возраста на една личност со значителна точност врз основа на нивните фотографии и видеа. Според претходните истражувања, грешка каја во годините за децата меѓу 6 и 12 години е само 1,36 години, додека кај младите меѓу 13 и 19 години таа бројка е 1,52 години.

Така технологијата треба прилично точно и прецизно да си ја заврши работата, а по препознавањето на годините и двете компании ќе го избришат снименото селфи. „Мета“ посебно нагласува дека не се работи за препознавање на идентитетот на луѓето, туку само за анализа врз основа на која се утврдува возраста на луѓето.

Новите методи, вели „Мета“, треба да им овозможат на малолетните корисници да им се прикажува содржина што е соодветна на нивната возраст и на тој начин да ги заштитат од содржина што може да биде штетна за нив.

Покрај тоа, „Инстаграм“ претходно воведе нови алатки со кои родителите и старателите можат да го следат однесувањето на малолетниците на оваа социјална мрежа и да поставуваат ограничувања за користење. Исто така, доколку гледаат премногу слични содржини на „Инстаграм“, самата платформа ќе ги поттикне малку да „шараат“ и да гледаат други видови содржини или да се одморат од мрежата доколку претераат со скролањето.

Извор: AP News
Фото: Freepik