Вакцинирање со помош на робот во Тајланд: 12 дози за четири минути

Вакцинирање со помош на робот во Тајланд: 12 дози за четири минути

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во време кога Тајланд се бори со најлошиот бран на коронавирус, истражувачите во земјата развија машина за поефикасна употреба на дозите на вакцината против ковид-19 и оптимизација на резервите.

Системот наречен „Аутовак“ ја користи раката на роботот и може да извлече 12 дози од вакцината „Астра зенека“, според истражувачите од Универзитетот „Чулалонгкорн“, кои ја измислиле машината што се користи во центарот за вакцинација на универзитетот.

Како што наведуваат тајландските научници, тоа е за 20 отсто повеќе од стандардните 10 дози што се земаат рачно, а машината моментално работи само на добивање повеќе дози од вакцината „Астра зенека“, на чии шишиња е наведено дека може да се дадат 10 до 11 дози.

- Машината гарантира дека можеме да добиеме дополнителни 20 отсто од секое шише, што значи дека ако имаме вакцини „Астра зенека“ за милион луѓе, оваа машина може да го зголеми бројот на дози за 1,2 милион луѓе - велат од универзитетот.

Тајланд ја одржуваше пандемијата под контрола, но делта-сојот го зголеми бројот на заразени и бројот на смртни случаи од април, зголемувајќи го притисокот врз властите да забрзаат со вакцинацијата.

Досега околу 9 отсто од 66 милиони жители на Тајланд се целосно вакцинирани, а понатамошната имунизација е попречена од помалите резерви на вакцини отколку што се очекуваше.

Тајландскиот истражувачки тим објави дека можат да произведат уште 20 единици „Аутовак“ во рок од три или четири месеци, но дека ќе им бидат потребни државни средства и поддршка за проширување бидејќи прототипот на машината чини 76.243 долари.

Тие наведуваат дека планираат да направат слични машини за употреба на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, и велат дека им ја олеснуваат работата на здравствените работници, кои честопати се премногу уморни поради ситуацијата, и ја намалуваат шансата за човечка грешка.



Извор: Reuters
Фото: Screenshot/YouTube