„Мета“ се согласи да плати 16,7 милијарди долари по тужбата дека децата развиваат зависност од „Фејсбук“ и „Инстаграм“
„Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, се согласи да плати речиси 16,7 милијарди долари по тужбата за зависноста на децата од нејзините социјални мрежи, а истовремено ќе воведе низа нови заштитни мерки за малолетните корисници.
Тужбата ја поднесоа 29 американски сојузни држави. Парите ќе бидат поделени меѓу сојузните држави, неколку американски територии и Дистриктот Колумбија. Страните, според договорот, се согласија да го решат спорот без понатамошна судска постапка.
Сојузните држави ја обвинија компанијата дека намерно ги поттикнувала децата на прекумерно користење на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, истовремено криејќи ги ризиците од родителите и јавноста. „Мета“ ги негираше обвинувањата во времето на поднесувањето на тужбата.
Државниот обвинител на Вирџинија, Џеј Џонс, ја опиша спогодбата како „монументална победа за заштита на американските деца“.
- Со години „Мета“ намерно ја доведуваше јавноста во заблуда за дизајнерските карактеристики кои создаваат зависност и му штетат на менталното здравје на младите - изјави тој во соопштението.
„Мета“ се согласи да воведе нови ограничувања со цел заштита на младите и обезбедување поголема контрола за родителите. Доколку судот ги одобри, мерките автоматски ќе се применуваат на малолетните корисници на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ во текот на 10 години.
Меѓу мерките е и
дневното ограничување на користењето од два часа, кое децата и тинејџерите би можеле да го исклучат само со согласност од родителите, а ограничувањето би се однесувало на „Фејсбук“ и „Инстаграм“.
Апликациите исто така би преминувале во ограничен
ноќен режим меѓу полноќ и 6 часот наутро, со што на корисниците би им се оневозможило објавување содржини и нивно прегледување.
Тинејџерите би добивале
предупредувања по секои 15 минути непрекинато користење на „Фејсбук“ или „Инстаграм“, како и кога нивното вкупно дневно користење ќе достигне 60 и 90 минути.
За да се намали влијанието на потенцијално штетните стандарди за убавина, „Мета“ соопшти дека
ќе ги оневозможи филтрите за „естетска хирургија и екстремна шминка“.
Исто така, ќе биде скриена функцијата за лајкови и реакции, што значи дека младите корисници нема да можат да видат колку интеракции оствариле нивните објави или објавите на другите корисници.
Фото: magnific