Дали фотошопираните фотографии на социјалните мрежи поттикнуваат криза во менталното здравје?

Дали фотошопираните фотографии на социјалните мрежи поттикнуваат криза во менталното здравје?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Клои Кардашијан на „Инстаграм“ ја објави сликата дадена долу десно кон крајот на мај. Неодамна излезе снимката од тоа како навистина изгледала тогаш и луѓето бурно реагираа, па се зборува и за донесување нов закон со кој ќе биде задолжително да се означат фотографиите што се уредувани.

Д-р Еванс, член на Комитетот за здравство и социјална заштита и лекар по општа медицина, вели дека уредуваните фотографии на социјалните мрежи поттикнуваат криза во менталното здравје и создаваат искривен поглед на она што се смета за убаво.

Разликата помеѓу овие две фотографии е тажна. А уште полошо е кога ќе се размисли за влијанието што го има врз нејзините милион следбеници.

Во коментарите на другата слика, објавена на нејзиниот профил, нејзиното семејство со воодушевување коментира колку добро изгледа.

Зошто се смета за нормална измислената и нереална слика за себе и зошто на другите луѓе им е во ред тоа?

„Инстаграм“ и социјалните мрежи се поврзани со високи нивоа на анксиозност, депресија и „страв од пропуштање“ (fear of missing out – FOMО). Исто така, може да предизвикаат негативна слика за телото и лоши навики во спиењето.

fotoshop
Фото: Screenshot/YouTube
Фото: Instagram

Лук Еванс, пратеник во Парламентот на Обединетото Кралство, подготви предлог-закон според кој луѓето ќе мора да ги означуваат фотошопираните фотографии. Огласувачите и издавачите ќе бидат принудени да прикажуваат логоа што ќе ги предупредуваат луѓето дека фотографиите се изменети.

Лук Еванс вели дека објавите на социјалните мрежи честопати создаваат дигитално искривена реалност што никогаш не може да се постигне.

Ако биде усвоен, законот може да ги принуди инфлуенсерите да прикажуваат логоа за фотошопирана слика на платената содржина. Еванс додаде дека филтрите создаваат нереален и неостварлив стремеж за младите.

- Со кликнување на глувчето имате поголем бицепс, со друго кликнување имате потенка половина - изјави Еванс додавајќи дека се смета дека 1,25 милион луѓе во Британија живеат или со анорексија или со булимија.

Во 2017 година Франција воведе закон кој бара каква било комерцијална слика што била променета за некој да изгледа послаб на себе да има предупредување.

Предложеното законодавство доби поддршка од добротворната организација „Грлгајдинг“, која го цитираше сопственото истражување во кое се вели дека околу половина од младите жени на возраст меѓу 11 и 21 година редовно користат апликации или филтри за да си ги подобрат фотографиите на интернет.

Извор: Lolamagazin.com | BBC