Астероид кој никој не го очекувал поминал покрај Земјата

Астероид кој никој не го очекувал поминал покрај Земјата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Астероид за кој се претпоставува дека е голем колку фудбалско игралиште поминал помеѓу Месечината и Земјата минатата недела.

Астероидот наречен 2021 СГ сега е далеку од Земјата, но потсети многумина на метеорот кој беше незабележан сè додека не експлодира над Русија во 2013 г. Тој метеор бил помал од астероидот 2021 СГ, а сепак кога експлодирал во атмосферата се скршиле илјадници прозорци и биле повредени стотина граѓани. За споредба, астероидот 2021 СГ има дијаметар четири пати поголем од метеорот што експлодирал над Русија и се движи побрзо од него.

За среќа, астероидот 2021 СГ поминал безбедно покрај нас на 16 септември на оддалеченост од околу 246.000 километри. Доколку влезел во атмосферата на Земјата, веројатно ќе предизвикал катастрофа.

Претставници од американската вселенска агенција НАСА објасниле дека двете вселенски тела не биле забележани додека ни се приближувале бидејќи патувале од насоката во која се наоѓа Сонцето.

За да го реши овој проблем, НАСА планира да испрати летало кое ќе стои помеѓу Земјата и Сонцето и ќе детектира вселенски тела кои не може да се видат од планетата. Леталото треба да биде лансирано во 2026 г.

Извор: Cnet
Фото: Pixabay