Јапонците произведуваат струја додека пешачат
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во свет каде што обновливите извори на енергија стануваат сè поважни, Јапонија често е во првите редови на технолошките иновации кои го трансформираат начинот на кој ја користиме енергијата.
Еден од најинтересните трендови во оваа област е концептот за производство на електрична енергија од секојдневните активности, како што е пешачењето. Во Јапонија почнаа проекти кои ја искористуваат енергијата на чекорите на пешаците за да ја претворат во електрична енергија.
Оваа технологија, позната како „пиезоелектрични подови“, има потенцијал да ги трансформира урбаните области во одржливи извори на енергија.
Пионерскиот пристап на Јапонците во користењето пиезоелектрични подови за генерирање енергија од чекорите на минувачите е иновативен начин за генерирање чиста енергија. Оваа технологија не само што ја намалува зависноста од фосилни горива, туку нуди и решение за снабдување со енергија во густо населените урбани области.
Иако оваа технологија е ограничена на одредени локации, нејзиниот потенцијал е огромен и може да стане клучен дел од одржливата инфраструктура во градовите низ светот.
Пиезоелектрични подови
Пиезоелектричните подови се направени од специјални материјали кои можат да ја претворат механичката енергија во електрична. Овие материјали, пиезоелектрични кристали, произведуваат електричен полнеж кога врз нив се применува притисок, на пример, кога човек оди. Кога некое лице стои или оди по овие површини, притисокот на неговите стапала создава вибрации кои се претвораат во електрична енергија. Овој концепт беше инспириран од способноста на природните материјали да претвораат различни видови енергија и се користи во многу делови од светот денес, но Јапонија е пионер во неговата широка употреба.
Еден од најпознатите примери на оваа технологија може да се најде на железничката станица „Шибуја“ во Токио, една од најфреквентните метро-станици во светот. Имајќи предвид дека станицата дневно ја користат повеќе од два милиони патници, количината генерирана енергија може да биде значителна.
Кога ќе се соберат милиони чекори дневно, енергијата станува доволно голема за да ги осветли рекламните билборди, да напојува мали апарати или да помогне да се намали потрошувачката на енергија на јавни места.
Освен тоа, јапонските компании ја истражуваат употребата на оваа технологија на стадионите, трговските центри и училишните дворови, каде што секојдневно поминуваат голем број луѓе.
Стадионот „Оита“, каде што се поставуваат подови за собирање енергија за време на спортски настани, покажува дека пиезоелектричните системи можат да создадат енергија за осветлување или климатизација на просторот.
Иако технологијата на пиезоелектричните подови е во фаза на развој и проширување, нејзиниот потенцијал за трансформирање на урбаните средини е огромен. Некои научници предвидуваат дека на крајот би можела да стане стандардна компонента на инфраструктурата во големите градови, особено оние со густ сообраќај.
Дополнително, пиезоелектричните системи би можеле да се имплементираат во нови форми на мобилни уреди, како и паметни чевли и облека кои собираат енергија при движење.
Јапонија веќе развива паметни чевли кои го користат овој принцип за полнење на мобилните телефони додека пешачите.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik