На училиште се учи за знаење - не за оценки

На училиште се учи за знаење - не за оценки

Пред првото, училишно тримесечје обично се прават: тестови, писмени, испрашувања, затоа што учениците треба да добијат оценка за постигнатиот успех во изминатиов период. Период на проверка на наученото. Секој наставник знае колку и како постигнал знаења неговиот ученик. Се разбира, тоа е период на многу активности во текот на целата учебна година, кои се следат и бележат во евиденциониот дневник на наставникот што е доказ за предложената и напишана оценка од наставникот. И секој ученик добива можност да поправи, доколку се случи да не е задоволен од резултатот што го добил. Но што е поважно? Оценката или трајното знаење? Секако, трајното знаење. Оценката е само формална бројка на која не треба да се потпира ниту еден ученик. Знаеме дека единицата е лоша, а петката најпосакувана. Акцент не се става на бројчената оценка, туку на нешто поважно од неа - на знаењето!

Изминативе неколку години оценката предничи, а знаењето?


Токму така, некако толку многу ѝ се придава важност на оценката отколку на она правото, вистинско знаење, во секоја смисла на зборот. „Што ќе добијам?“ „Не ми пиша тоа и тоа“, наместо: Што научив? Многу погрешно! И тоа некако се случува во континуитет. Не сакам да звучам парадоксално, но зошто се оди на училиште? Одговорот е многу јасен и познат. Верувам и очигледно е, дека сега е друго време, технолошки напредно време, дури познато е дека имаме специфични генерации на ученици, но сепак, мора да се издвојат и исклучоците кои уште од дома тргнуваат со континуирано учење, повторување, начини на однесување итн. и секако, нема да имаат никакви проблеми и забелешки, ниту со наставата, ниту со наставниците, ниту со околниот свет кој ги опкружува. Ги изделувам бидејќи навистина се во многу мал, редок број. Кај тие деца навиката за учење еднаш е стекната и ќе трае цел живот. Не е придобивка да се учи напамет, ниту пак да се спуштаат од интернет готови прераскажани лектири и сл. (Каде е она реално читање книга?) Толку ли паметните уреди и социјалните мрежи ја заменија книгата? – Штета! Штета непоправлива која остава и ќе остави трајни последици. Мислам дека е време да се вратат учењето и истражувањето од книгите. Не е доцна, потребна е само силна волја. Наместо напамет, со разбирање и критичко размислување да се стекнуваат знаења и вештини, кои понатаму полесно ќе се надградуваат и ќе може во практика успешно да се применуваат. Тоа е паметно и одговорно. Така треба да изгледа. Тука, се разбира, најголемо влијание врз своите деца имаат родителите (со ретки исклучоци), кои никако не смеат да се мешаат во работењето и во одлуките на наставниците за тоа како ќе ги оценат нивните деца. Тие треба да си ја гледаат својата работа и да им дозволат на децата да мислат со своја глава, односно да ги натераат и кога ќе згрешат, самостојно да се поправат. Така ќе имаме многу поинаква и пореална слика за воспитно-образовниот систем. Таа промена тешко оди, но никогаш не е доцна да се започне од нешто што ќе се движи во вистинската насока. Со таа промена се гради поглед на свет! ДА, за реално стекнато знаење, НЕ за врски и претерувања. Таа лекција нека се научи еднаш!

Училиштето е свет храм, а не игроорна


Ред, принципи и кодекси на однесување и почитување треба да постојат како во училишната така и во секоја друга работна организација (без разлика дали се работи за државен или за приватен сектор). Во таков среден и координиран систем очекуван е секој напредок и просперитет. Интеракцијата, а паралелно со неа и социјализацијата наставник-ученик, е незаменлива и се разбира дека се одвива во училница, исто како што разликата: онлајн/физичко присуство е голема. Но тоа го видовме и насетивме во сите можни облици на одвивање. Столбот на писменоста во една држава е образованието. Без него не би имале писмена нација. Училиштето е свет храм што дава многу животни поуки и мудрости, тоа е извор на умеењата, интересите, етичките вредности во животот. Непроценливо искуство, кое постојано извира како вруток и од кое може многу да се очекува. Наше е да знаеме правилно да го искористиме. Училиштето во никој случај не смее да наликува на игроорна. Се знае кои се „главните играчи“ во школската средина, јасно е кој стои пред тој млад и убав свет и сака од ученичињата да направи прави ученици. Во таа суштинска врска никој не смее да се меша, односно да создава неред и притисок. Во дамнешно време, многу дамнешно, петката беше незамислива, а денес? Денес, толку бурно се реагира за неа, крајно неконтролирано. Но, искрено, би сакал секој да размисли, и ученикот, и родителот, и колегата/колешката, кога се бара „надуена“ оценка, дали со тоа му се прави добро на ученикот? Одговорот нека биде и нека остане, еве со јазикот на стилистиката: реторичко прашање. На крај, како наставник кој бескрајно ја сака и почитува својата професија, а со неа и сите во училишната средина, особено најмилите, се знае, сакам да порачам: Учете за знаење, а не за подарени оценки! Придобивката од првата цел ве гради во личности со интегритет и авторитет. Со втората цел не се доловува правата суштина, ами се оди во незнаен правец. Наше е да одбереме која цел сакаме да ја постигнеме! Игроорната, се учи низ игри, училиштето се учи низ книги. Ако во тоа успееме, реформите ќе бележат раст и развој.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик