Музика што го менува вкусот: Слушнете ја песната што го засилува интензитетот на чоколадото
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Песната „Sweetest Melody“ трае точно 90 секунди, што е доволно за чоколадото целосно да се стопи на јазикот и да го претвори десертот во вистинско мултисензорно патување.
Научниците потврдија нешто што љубителите на слатки одамна го претчувствуваат - уживањето во чоколадо може да биде уште поинтензивно ако се слуша соодветна музика.
Експертот за звук од Универзитетот во Бристол, Натали Хајасинт, во соработка со брендот „Галакси чоколат“, ја создала песната „Sweetest Melody“ - првата композиција создадена за да го засили чувството на сладост и свиленикава текстура на чоколадото.
Песната трае 90 секунди, исто колку што е потребно едно парче чоколадо да се стопи на јазикот. Таа има темпо од 78 отчукувања во минута, а нејзиниот аранжман е внимателно осмислен: клавирот создава чувство на мекост и сладост, гудачките инструменти додаваат побрз, но топол завршеток, харфата внесува мазност и елеганција во целокупното доживување.
Овој необичен експеримент е резултат на повеќе од 60 години научни истражувања за феноменот познат како мултисензорна интеграција: процес во кој различните сетила си влијаат едно на друго.
Истражувањата покажуваат дека мелодиите и топлите, благи ноти можат да направат храната да изгледа послатка, додека острите и побрзи тонови ја нагласуваат горчината. Затоа, на пример, брзата и енергична музика подобро се комбинира со брза храна, додека десертите бараат побавни, нежни мелодии.
Брендот „Галакси чоколат“ тврди дека „Sweetest Melody“ буквално го претвора чоколадото во „симфонија на сетилата“, овозможувајќи доживување што го надминува вкусот.
- Оваа иницијатива покажува дека уживањето во чоколадата може да биде мултисензорно искуство што ги вклучува сите сетила. Моќта на музиката да го засили нашето задоволство при јадење чоколадо е возбудлива перспектива - изјавила Хајасинт.
Звучи како совршен изговор да се препуштиме на омиленото парче чоколадо и да ја послушаме „најслатката мелодија“ што постои.