Голема британска банка укинува 5.000 работни места и покрај растот на добивката, дел од работите ги презема ВИ
Британската банка Барклис во текот на 2026 година ќе укине околу 5.000 работни места, што е приближно 5 отсто од вкупниот број вработени. Како една од причините ја наведува сè пошироката примена на вештачката интелигенција, која овозможува одредени работи да се извршуваат побрзо и со помал број работници.
Одлуката доаѓа во момент кога банката бележи раст на добивката. Барклис во третото тримесечје оствари 12 отсто поголема добивка пред оданочување отколку во истиот период минатата година.
Кон крајот на минатата година банката вработуваше околу 93.000 луѓе, а планираното намалување ќе го опфати приближно секој дваесетти вработен. Финансиската директорка Ана Крос изјави дека во текот на првата половина од годината веќе се укинати околу 1.000 работни места, додека преостанатите 4.000 се очекуваат до крајот на декември. Целта на банката е намалување на трошоците на работењето, за дел од заштедените пари да ги насочи во нови инвестиции.
Вештачката интелигенција го менува начинот на работа на банката
Околу 60 отсто од планираното намалување на бројот на вработени се однесува на работите за поддршка, вклучувајќи ги и програмерите. Овие работници ги одржуваат компјутерските системи, развиваат софтвер и извршуваат други работи неопходни за секојдневното функционирање на банката.
Од Барклис наведуваат дека новите технологии, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, им овозможуваат дел од тие задачи да ги извршуваат со помалку вработени. Сепак, тоа не значи дека вештачката интелигенција директно ќе го замени секој работник чие работно место се укинува. Банката истовремено ги поедноставува деловните процеси, ги реорганизира одделите и ги модернизира постојните компјутерски системи.
Извршниот директор на банката, Ц. С. Венкатакришнан, рече дека намалувањето на трошоците е резултат на повеќегодишни инвестиции во технологијата.
-Вештачката интелигенција има важна улога и можеби во иднина ќе има уште поважна - рече тој.
Тој појасни дека самото воведување на вештачката интелигенција не е доволно, туку е неопходно претходно да се модернизираат постојните системи за да може новата технологија ефикасно да се користи.
Откази и покрај растот на добивката
Најавата за укинување на работните места е објавена истовремено со финансиските резултати за периодот од јули до септември.
Барклис во тоа тимесечје оствари 2,3 милијарди фунти добивка пред оданочување, што е за 12 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година.
Вкупните приходи на банката изнесуваа околу 7,4 милијарди фунти, односно 3 отсто повеќе отколку една година порано. Сепак, резултатите не ги исполнија целосно очекувањата на финансиските аналитичари, кои прогнозираа нешто поголеми приходи.
Посебно ослабеа резултатите од тргувањето со обврзници и слични финансиски инструменти, каде што приходите паднаа за 19 отсто. Од друга страна, приходите од тргување со акции пораснаа за 47 отсто.
Банките сè повеќе ги автоматизираат работите
Барклис не е единствената голема банка која намалувањето на бројот на вработени го поврзува со поширокото воведување нови технологии.
И други европски банки, меѓу кои се германската Комерцбанк и норвешката ДНБ, најавија намалување на бројот на работни места во рамките на промените во работењето и поголемата примена на технологијата.
Банките настојуваат да ги автоматизираат административните задачи што се повторуваат, да ја забрзаат обработката на податоците и да ги намалат трошоците за одржување на своите системи.
Во случајот на Барклис, најголемиот дел од најавените промени се однесува на работите за поддршка што се одвиваат зад кулисите, а не на непосредната работа со клиентите.
Сепак, овој пример покажува како инвестициите во вештачката интелигенција и автоматизацијата сè повеќе влијаат врз организацијата на работата, додека компаниите настојуваат да ја зголемат ефикасноста и да ги намалат трошоците, дури и кога истовремено остваруваат раст на добивката.
Фото: magnific