Илон Маск ја претстави својата верзија на „Одисеја“ создадена со ВИ - објавени првите 7 минути од филмот
Чет-ботот „Грок“, во сопственост на Илон Маск, ги објави првите 7 минути од филмската верзија на „Одисеја“ создадена со помош на вештачка интелигенција.
Филмот е реализиран во соработка со компанијата „Вондер студиос“ и режисерот Дев Вокер. Објавената видеоснимка „Грок“ ја претстави како прва епизода од најавениот серијал „Одисеја“.
Маск претходно ја критикуваше претстојната филмска адаптација на „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан, меѓу другото, поради изборот на актери, а најави и создавање сопствена верзија за која тврдеше дека ќе биде поверна на епот на Хомер.
На одредени места снимката изгледа доволно реалистично за гледачот да помисли дека навистина гледа актери на море. Сепак, според дел од критичарите, видеото не успева да ги долови уметничката вредност и емоционалната длабочина на приказната, ниту да создаде интерес за ликовите.
Наместо тоа, видеото остава впечаток на статична и безлична содржина, со малку динамика што би го задржала вниманието на гледачите.
Критики има и за историската веродостојност на проектот. Имено, ликовите не зборуваат на старогрчки јазик, иако Маск претходно најави дека неговата верзија ќе биде историски прецизна.
Извор:
Techcrunch.com
Фото: Screenshot/X