Секој час се убивани по шест жени од страна на мажи на светско ниво

Секој час се убивани по шест жени од страна на мажи на светско ниво

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

На глобално ниво, секој час се убивани по шест жени од страна на мажи. Обединетите нации (ОН) повикуваат на итни мерки.

Според податоци од ОН, повеќе од половина од жените и девојките што се убиени од мажи се убиени од страна на нивни сегашни или претходни партнери. Последните податоци од ОН покажуваат дека секојдневно се убиваат 137 жени низ светот од страна на партнер или член на нивното семејство. Тоа значи дека вкупно 50.000 жени годишно се убиени од лице што го познаваат и на кое треба да му веруваат.

Дубравка Шимоновиќ, експерт за човекови права во ОН, објаснува дека светот се соочува со пандемија на убиства на жени и насилство засновано на родот, покрај пандемијата на Ковид-19. Насилството против жените и девојчињата сè уште е толку длабоко вкоренето во културите низ светот, што е речиси невидливо, велат од ОН.

Во извештај за родовиот јаз на Светскиот економски форум се открива дека глобално, од една петтина до речиси половина од жените се жртви на физичка или сексуална злоупотреба од нивните машки партнери. Стапката е највисока на Блискиот Исток и Северна Африка, со 45% од жените што се жртви на насилство.

Но проблемот опстојува низ целиот свет. Во Северна Америка стапката изнесува 32%, а во Западна Европа е 22%. Во Велика Британија еден маж убива жена на три дена.


Фото: Pixabay

Насилството на мажите врз жените е главна причина за прерана смрт кај жените на глобално ниво, вели Керен Ингала Смит, еден од основачите на „Фемисајд сенсус“, компанија што прави анализа за убиства на жени од мажи.

Шимоновиќ додава дека ова не се изолирани инциденти, туку убиствата следат шеми кои се повторуваат, а земјите треба да работат на решавање на проблемот со основање специјализирани институции бидејќи многу од овие убиства можеле да се спречат.

На 25 Ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, во светот почна кампањата „16 дена активизам против родово-базираното насилство“, чија цел е да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се спречи насилството врз жените.

Автор: Даглас Брум
Извор: weforum.org