Научниците открија дека слоновите знаат кога ги гледаме

Научниците открија дека слоновите знаат кога ги гледаме

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со нивните големи уши и долги сурли, не е тешко да се поверува дека слоновите се потпираат на акустични знаци или мирис за комуникација. Тие користат и гестови и визуелни прикази за комуникација, но науката уште не знае колку го практикуваат тоа. Истражувањата за визуелна комуникација главно се фокусирале на видови кои се првенствено визуелни, како што се нечовечките примати.

Претходна студија покажала дека африканските савански слонови можат да го препознаат човечкото визуелно внимание врз основа на ориентацијата на лицето и телото на една личност, но ова сè уште не е истражено кај слоновите од Азија. Азиските слонови се одвоиле од африканските слонови пред милиони години, па затоа нивното однесување и когниција се разликуваат во некои аспекти.

Мотивирани да откријат дали азиските слонови ја делат оваа способност со африканските слонови, истражувачи од Универзитетот во Кјото го насочиле своето внимание кон слоновите во Тајланд.

Истражувачкиот тим се упатил во Северен Тајланд, каде што ангажирал 10 заробени женски слонови да бараат храна. Истражувачката која ја извршувала задачата ја поставила ориентацијата на своето тело во една од четирите позиции: со лицето и телото кон слонот, со лицето и телото подалеку од слонот, само лицето свртено кон слонот или само телото свртено кон слонот.


Потоа тимот анализирал колку често слонот упатувал сигнали до експериментаторот во секоја позиција, вклучувајќи ја и реакцијата на слонот кога експериментаторот не бил присутен.

Истражувачите забележале дека слоновите најмногу гестикулирале кога и телото и лицето на експериментаторот биле ориентирани кон нив, а ориентацијата на телото се чинела како посилен визуелен знак од ориентацијата на лицето. Сепак, овој ефект зависел од тоа дали и лицето било ориентирано кон слонот.

Овие наоди покажуваат дека азиските слонови навистина ја разбираат важноста на визуелното внимание за ефективна комуникација и дека не се чувствителни само на ориентацијата на лицето или телото, туку се потпираат на комбинација од знаци за да го препознаат човечкото визуелно внимание.

Оваа студија го продлабочува нашето разбирање за когницијата на слоновите и придонесува за пошироко истражување за визуелното внимание кај животните општо. Во иднина, истражувачкиот тим планира да се фокусира на други аспекти на когницијата на азиските слонови, како што се соработката, просоцијалноста и одложеното задоволување.

Извор: phys.org

Фото: Freepik