Не ви се пие кафе? Расонете се со овие 8 здрави топли напивки
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
На многумина утрото не им почнува без шолја кафе. Таа миризлива напивка што дава енергија стана речиси ритуал, но кафето не е идеално за секого. Некои луѓе чувствуваат нервоза, забрзана работа на срцето или проблеми со варењето веднаш по консумацијата на кафето, додека други сакаат да го намалат внесот на кофеин поради здравствени причини.
За среќа, постојат многу здрави топли напивки што можат да бидат одлична алтернатива на кафето, а притоа даваат енергија, го поттикнуваат варењето и носат дополнителни здравствени придобивки. Од билни чаеви и топли зачински напивки, до едноставна топла вода со лимон, можностите се разновидни и вкусни.
Во продолжение се наведени осум топли напивки што можат да го заменат кафето и да ви помогнат да го започнете денот на здрав, вкусен и природен начин.
1. Златно млеко со куркума
Ако сакате нежен почеток на денот, заменете го утринското кафе со златно млеко со куркума. Овој пијалак се прави со млеко или негови билни алтернативи, куркума, ѓумбир и цимет.
Куркумата содржи куркумин, силен антиоксиданс кој може да помогне во намалувањето на воспаленијата и да ги заштити клетките од оштетување. Ѓумбирот и циметот исто така придонесуваат за антиоксидативни ефекти.
Златното млеко може да им биде од голема корист на луѓето што патат од хронична болка, на пример, од остеоартритис или ревматоиден артритис. Студиите покажуваат дека редовната консумација на куркумин или екстрат од куркума може да ги намали болката и воспалението, додека ѓумбирот може да донесе слични бенефити.
За подготовка, загрејте млеко и измешајте ги зачините во него.
2. Чај од ментол
Овој чај е природен извор на енергија без кофеин. Освен што освежува, помага и при тегоби во желудникот како надуеност, грчеви или проблеми со варењето. Дури и самото мирисање на етерично масло од ментол може да ја ублажи мачнината, што е особено корисно кај лица што одат на хемотерапија.
3. Чај од ѓумбир
Ѓумбирот е зачин кој грее и е богат со антиоксиданси. Топлиот чај од ѓумбир може да го смири желудникот и да ги ублажи киселините, а на долг рок може да го подобри здравјето на срцето - го намалува крвниот притисок, го подобрува протокот на крв и го намалува холестеролот. Додајте го во вашата утринска рутина за нежен, но ефикасен почеток на денот.
4. Зелен чај
Ако барате благ енергетски поттик, зелениот чај е одличен избор. Содржи мала количина кофеин и е богат со антиоксиданси, особено катехини, кои можат да ја подобрат чувствителноста на инсулин и да го регулираат нивото на шеќер во крвта. Редовното пиење зелен чај го намалува ризикот од дијабетес тип 2 и дебелина. Особено добра е мачата, вид зелен чај во прав направен од мелени листови. Содржи повеќе антиоксиданси од обичниот зелен чај и може да го намали ризикот од висок крвен притисок.
5. Топла вода со лимон
Едноставна, но ефикасна напивка за наутро. Стоплете ја водата до благо вриење и исцедете свеж лимон во неа. Топлата вода го поттикнува варењето, спречува констипација и ги ублажува надуеноста и гасовите.
6. Масала чај
За сладок и зачински почеток на денот, пробајте масала чај. Се прави со црн чај, ѓумбир, кардамон, цимет и други зачини и млеко. Зачините во овој чај можат да го намалат шеќерот во крвта и нивото на холестерол, додека самиот црн чај придонесува за здравјето на срцето.
7. Топла напивка со јаболков оцет
Јаболковиот оцет може позитивно да влијае врз нивото на шеќер во крвта и чувствителноста на инсулин. Се подготвува така што една лажица оцет се разредува во 240 милилитри топла вода. Важно е никогаш да не го пиете неразреден бидејќи киселината може да ги оштети забите и грлото.
8. Топло чоколадо
Иако звучи помалку здраво, топлото чоколадо е одлична алтернатива на кафето ако ги приспособите состојките. Наместо со готови мешавини, направете го дома со немасно или бадемово млеко, незасладено какао и здрав засладувач како стевија. Какаото е богато со флавоноли, кои го намалуваат воспалението, го подобруваат крвотокот и здравјето на срцето.
Извор:
Ordinacija.hr
Фото: Freepik