Пеел божиќни песни 42 часа без престан за да го сруши Гинисовиот рекорд
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
63-годишниот Дејв поминал речиси два дена пеејќи божиќни класици со цел неговото име да влезе во Гинисовата книгата на рекорди.
Иако, како што вели, имал чувство дека „халуцинира“ и бил многу близу да се откаже по 32 часа, сепак не се предал. Предизвикот започнал на полноќ, на 10 декември, а завршил во петокот, на 12 декември, откако испеал вкупно 684 песни.
За време на маратонот, на Дејв му помагал хор составен од лица со деменција, детски хор, како и други луѓе што дошле да му дадат поддршка.
По завршувањето на предизвикот, Дејв изјавил дека ова не бил само вокален, туку и сериозен физички напор.
- Сакав да се откажам во петокот во четири часот наутро. Имав чувство дека не можам да продолжам затоа што халуцинирав од недостиг на сон. Неколку пати заспав додека пеев. Си помислив: „Не знам дали можам да издржам уште 10 часа“. Но чудно е тоа што кога публиката почна да пристигнува, адреналинот си ја направи својата работа. Освен што го изгубив долниот регистар на гласот, а фалсетот ми беше малку ослабен, средните тонови беа сосема во ред. Знаев дека ако останам буден и физички фокусиран, можам да го издржам предизвикот докрај. Ова е светски рекорд и значи буквално да се туркаш себеси до крајните граници за да го постигнеш - вели Дејв.
Тој избрал 38 песни, кои ги повторувал по 18 пати, што изнесува 684 изведби.
Според правилата за светски рекорд, Дејв имал право на пауза од само пет минути на секој час. Исто така, можел да пее непрекинато четири часа за да „заработи“ пауза од 20 минути. Меѓу секоја песна му биле дозволени паузи од само 20 секунди.
Дејв и неговиот тим веќе ги испратиле сите докази вклучувајќи видеоснимки, временски табели, исечоци и фотографии со цел да добијат официјална потврда за рекордот.
Актуелниот носител на рекордот е Еваолува Олатунџи од Лагос, Нигерија, која пеела вкупно 31 час, од 27 до 28 декември 2023 година, и со тоа станала првата личност со овој рекорд.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/Tik-tok