На оваа мапа можете во реално време да го следите ширењето на коронавирусот

На оваа мапа можете во реално време да го следите ширењето на коронавирусот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Експертите од Центарот за наука на системите и инженерство при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД развија интерактивна мапа на светот на која може да се следи ширењето на коронавирусот.

Мапата, која може да ја погледнете на овој линк, овозможува следење на сите клучни податоци: каде е потврден вирусот, колку случаи се потврдени, колку луѓе починале, колку се успешно излекувани, во кои земји, односно региони, се појавил вирусот итн.

Меѓу другото, на мапата е претставен и графикон чија линија го потврдува експоненцијалното ширење, кое главно е карактеристично за вирусите. Имено, според досегашните процени, едно заразено лице во просек заразува две до три нови, при што самото не мора нужно да ги има симптомите на болеста.

Фото: Index

Стручниот тим што ја изработил мапата истакнува дека податоците претставени на неа се собрани од различни релевантни извори, како што се Светската здравствена организација, американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Европскиот центар за контрола и превенција на болести и кинеските здравствени организации NHC и DXY.

Со кликнување на црвениот круг, кој означува потврдено постоење на инфекцијата во одредена земја или регион, може да се дознаат релевантни бројки за некое подрачје. Мапата може да се поместува, зумира и намалува за да се добијат попрецизни локации на кои е потврдена инфекција.