Астрономите откриле ѕвезда што преживеала близок контакт со црна дупка

Астрономите откриле ѕвезда што преживеала близок контакт со црна дупка

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога црните дупки „голтаат“ огромни материи во вселената, тоа може да се види од Земјата бидејќи во процесот се исфрлаат икс-зраци што се создаваат при загревањето на материјалите. Не е нормално ова исфрлање на икс-зраци да се случува повеќепати на специфични периоди.

Ова се случило во 2019 година во супермасивна црна дупка што се наоѓа во центарот на галаксијата ГСН 069. Од црната дупка излегувале икс-зраци на секои 9 часа. Астрономот Ендру Кинг од Универзитетот на Лестер во Велика Британија го анализирал настанот и открил дека во случајот мртва ѕвезда одбегнала „голтање“ од црната дупка. Таа била заглавена во орбитата околу неа, а црната дупка голта дел од ѕвездата при секое блиско поминување.

- Ова бело џуџе е заглавено во елиптична орбита блиску до црната дупка, кружејќи околу неа на секои 9 часа - објаснил Кинг во април 2020 година.


Фото: Pixabay

Црната дупка е јадро на галаксијата ГСН 069 и е лесна во споредба со другите супермасивни црни дупки. Но и покрај тоа, таа е активна и расте. Според моделот на Кинг, оваа црна дупка не правела ништо особено кога ѕвездата ѝ се приближила. Црната дупка ги голтнала надворешните слоеви на ѕвездата и со тоа го забрзала нејзиното еволуирање во бело џуџе - мртвото јадро што останува на крајот од животот на ѕвездата. Меѓутоа, наместо да го продолжи патувањето, белото џуџе било заробено во орбитата околу црната дупка.

Што ќе се случи со ѕвездата во иднина?

Таа веројатно ќе остане во орбитата, а црната дупка ќе продолжи да голта нејзини делови во наредните милијарди години. Поради ова, ѕвездата ќе станува поголема, но помалку густа, а можеби некогаш ќе се претвори во гасна планета.

- Ќе се обиде да избега, но нема бегање. Црната дупка ќе ја јаде сè побавно, но никогаш нема да престане - вели Кинг.

Автор: Мишел Стар
Извор: sciencealert.com