Најдобриот студент по историја, Васко Гичевски, преку наставничката професија ја креира иднината на татковината

Најдобриот студент по историја, Васко Гичевски, преку наставничката професија ја креира иднината на татковината

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дипломирал со просек 10 на Институтот по историја, а работи како наставник во основно училиште. Во интервју за Факултети.мк вели дека Македонија има образовни институции во благо речено бедна материјална положба. Особено селските училишта се во ужасна состојба. Друг голем проблем се партиските вработувања, кои во корен го уништија образовниот систем

Битолчанецот Васко Гичевски (24) e првенец на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2019/2020 година. Дипломирал со просек 10 на Институтот по историја.
Автор е на 16 научни труда и на три интерактивни мапи на профаното и сакралното културно наследство од османлискиот период во Скопје и во Битола. Потесно поле на интерес му е социјалната историја на Османлиската Империја-Османлиска Македонија.

Во моментот е вработен како наставник по граѓанско образование и етика во ООУ „Славко Лумбарковски“ во Новаци, а првото вработување му беше како професор по историја во СОУ „Јосип Броз-Тито“ - Битола.

- Студиите на Институтот за историја ги започнав во 2016 година, ги завршив во рок, со просек 10. Добитник сум на признанието за најдобар дипломиран студент на УКИМ во учебната 2019/2020 и наградата „26 Јули“ од фондацијата „Франк Манинг“ за особен успех во студирањето. Во моментов не сум запишан на последипломски студии - објаснува тој.



Љубовта кон историјата кај него била присутна уште од најрана возраст.

- Израснав во село Бач, место во чија околина се одвивале едни од најголемите битки во Првата светска војна (Пробојот на Добро Поле, Битката на завојот на реката Црна итн.). Од друга страна, растев со повозрасни, кои ми раскажуваа за минатото и така се роди љубовта кон историјата. Особено влијание врз мене имаа делата на Стале Попов - посочува младиот наставник.

Главниот мотив да има висок просек на факултетот била можноста да впие повеќе знаење. Вљубеник е во просветната, но исто толку и во научната дејност.

- Во иднина ќе продолжам да се занимавам и со двете дејности. Наставничката професија кај мене побудува особен интерес и желба зашто така лично ја креирам иднината на мојата татковина. Оттука сметам дека само висококвалификувани кадри треба веднаш да се вложат себеси доколку воопшто сакаме некаде да стигнеме со развојот на секое поле во општеството - вели тој.

Историјата нуди уникатно искуство за патување низ времето

Се труди неговите предавања да се интересни за слушање, со цел историјата повеќе да им ја доближи на своите ученици.

- Употребувам многу хумор во наставата бидејќи само среќно дете пред кое ќе биде срочена интересна лекција, ќе му бидат дадени интересни задачи, може да се нарече во иднина успешно образован и формиран човек - вели тој.

Смета дека историјата е најзабавниот предмет, која нуди уникатно искуство за патување низ времето, разбирање на историските процеси кои во голема мера ја формираат сегашноста и влијаат врз идниот развој.



- За мене, историјата беше забавно патување низ времето, па се трудам на своите ученици да им ја пренесам таа забава, да им покажам како да патуваат низ времето, да ги научам да размислуваат и заклучуваат, при што сè тоа да е еден извор на среќа. Веројатно успевам во тоа бидејќи често се случувало додека предавам, некое дете што има слободно време, да дојде во одделението каде што предавам и да слуша. Нешто што мене како наставник ме исполнува и ме прави бескрајно среќен! За сето ова, сепак, крајниот суд ќе се покаже од учениците и нивниот понатамошен успех - објаснува Гичевски.

Во време кога младите повеќе се определуваат за студии на техничките науки, Гичевски вели дека без разлика на материјалниот аспект, секогаш ги охрабрува своите ученици да се насочат кон она што ги исполнува.

- Реално, општествените науки не носат никаков материјален бенефит, и од тој аспект тие не се ни привлечни за економско рационалните личности, ни кај нас ни на светско ниво. Но, дали да се остане во Македонија? Мојот одговор е да, бидејќи јас лично сум неизмерно врзан за татковината и не планирам да ја напуштам. Впрочем, како би смениле нешто, како би напредувало нашето општество ако ние не се положиме како своевидни жртви во олтарот на напредокот - додава тој.

Основното и средното образование нудат солидна основа за нашата историја

Научната дејност, истражувањето на минатото, за него е своевиден начин на живот.

- Доколку не би истражувал и пишувал или, пак, предавал, навистина немам замисла што друго би можел да правам, и воопшто како би живеел. Во моментов работам на едно истражување во однос на социјалната историја на селата од Битолскиот санџак во периодот од 1878 до 1912 година, во план за изработка имам и две нови статии, и неколку други проекти - додава тој.

Во моментот земјава е во политичко-историски расчекор, за што Гичевски смета дека историјата, пред сè, е наука која е многу посеопфатна и поширока од она што се нарекува национална историја.

- Во моментов Македонија, како и 30 години претходно, се соочува со имагинарни прашања кои го тангираат минатото, а се илузорни. Во целиот тој процес се прекршуваат сите основни човекови права, но сепак интелектуалната елита, како и развиениот свет, смета дека тоа е само една мала цена за целосно интегрирање во конгломератот на современите држави на неолибералниот капитализам. Моето согледување е дека младите се незаинтересирани по однос на овие прашања, но тоа драстично почна да се менува по изблиците на неоколонијалниот хегемонистички дух кај соседните држави. Основното и средното образование нудат сосема солидна основа да се стекнат базичните познавања од областа на историјата. Она што, за жал, е во основата на проблемот не е знаењето. Можеме да го имаме и целото знаење на светот, но доколку немаме изградено единствена
општествена и државна позиција во однос на овие прашања, секогаш ќе бидеме жртви на вакви спорови. Тие, нели се претставуваат дека се во духот на европеизмот и демократијата, а впрочем се изблици на културен колонијализам и хегемонизам - посочува младиот историчар.



Македонија нема конзистентна образовна политика

За него, македонскиот образовен систем е горко прашање, каде што се обидува да придонесе уште од времето на средношколските пленуми.

- Македонија има образовни институции во благо речено бедна материјална положба. Особено селските училишта се во ужасна состојба. Друг голем проблем се партиските вработувања, кои во корен го уништија образовниот систем. Денес стекнувањето со документ за завршено образование е повеќе формален чин отколку квалитативна промена во животот на човекот. Третиот и можеби најголем проблем со кој се соочуваме е фактот што Македонија нема конзистентна образовна политика. Министерството за образование и наука е монета за поткусурување на коалициските потреби на владејачките гарнитури. Кон тоа сведочи и фактот што за шест години се сменија четири министри, секој со свои согледби и идеи, кои безмилосно и нестручно се наметнуваат во соработка со неколку приврзаници на власта од стручната фела, кои реално се декор и алиби, водени од лукративни интереси. Па така, имаме ситуација каде што креатори на тоталното промашување, Кембриџ-системот, се креатори и на Новата образовна концепција за основно образование. Сумарно кажано, Македонија има нефункционален и уништен образовен систем на сите нивоа - објаснува тој.

Последипломските студии се голем трошок

Да биде иден професор на Филозофскиот факултет, за него би била голема чест, но вели дека засега тоа е не е можно зашто постдипломските студии се голем трошок.

- Државата едноставно нема пари за развој на науката и што побрзо се помириме дека нашиот систем на наука е мртов, побрзо би нашле и решение за спас. Во однос на поволностите, најдобрите студенти се ослободени од партиципација за постдипломските студии. Но, тоа ништо не значи бидејќи за да можете да истражувате, да патувате, да купувате литература, ви требаат околу 10.000 евра. Кога кон ова ќе ги додадете и трошоците за живот, апсолутно последипломските студии не се исплатливи. Особено кога ќе земете предвид дека вработувањата на факултетите се една илузија, од друга страна, стои и фактот дека тие средства не се доволни за живот. Доколку штедите, тоа ќе резултира со неквалитетни трудови, за кои сме сведоци дека ги има во сè поголем број - објаснува Гичевски.



Затоа, со својот личен пркос решил да не го продолжи своето академско образование.

- Повеќе преферирам да бидам човек со титула, постепено градејќи се во секоја смисла. За жал, кај нас академскиот развој е спротивно на ова, збир на титули без никакво научно истражување, никакво искуство. Кратко речено, големо име, без некоја особена содржина. Имиња кои потоа се провираат низ системот главно поради политичките околности и позиции. Нешто што драстично влијаеше да се уништи довербата во научните институции и нешто што ќе ги одведе кон сигурен колапс. Чест на исклучоците кои впрочем ја држат жива академската фела кај нас, но лично, јас не сакам да сум дел од таков механизам -смета младиот наставник.


Фото: приватна архива