Како земјите низ светот ја прифатија вештачката интелигенција во 2025 година?

Како земјите низ светот ја прифатија вештачката интелигенција во 2025 година?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во втората половина од 2025 година 16,1 отсто од глобалната работоспособна популација користела ВИ, што укажува на значителен простор за понатамошно прифаќање.

Во исто време, користењето значително варира меѓу земјите. Просечната стапка на прифаќање изнесува 24,7 отсто во глобалниот север, додека во глобалниот југ таа е 14,1 отсто. Неколку земји јасно се издвојуваат како регионални исклучоци, меѓу кои се ОАЕ и Сингапур.

Графиконот во продолжение го прикажува прифаќањето на ВИ по земји, врз основа на податоци од извештајот „Глобал АИ адопшн“ за 2025 година на „Мајкрософт“.

Како се споредуваат стапките на прифаќање на ВИ низ светот?


За потребите на анализата, „Мајкрософт“ ја проценил употребата на ВИ во 147 земји низ светот.

Подолу е прикажан уделот од работоспособната популација во секоја земја што користела ВИ барем еднаш во втората половина од 2025 година. Дополнително, прикажана е и промената во процентни поени во споредба со првата половина од 2025 година, што ја претставува апсолутната разлика меѓу двата периода.

1
Фото: Visual Capitalist

Со 64,0 отсто од населението што користи генеративни ВИ-алатки, ОАЕ не само што се на прво место на глобално ниво, туку се и меѓу земјите со најбрз раст во прифаќањето.

Дури и пред лансирањето на „Чет-ГПТ“, ВИ-технологиите веќе се користеле во јавните услуги во ОАЕ. Ова било поддржано со рано воспоставени управувачки рамки уште во 2017 година, како дел од националната стратегија за ВИ, насочена кон девет клучни сектори.

На второ место е Сингапур, каде што 60,9 отсто од населението користи ВИ. Како и ОАЕ, и Сингапур рано инвестирал во ВИ-инфраструктура и истражување и развој.

Во Европа, Норвешка е највисоко рангирана и го зазема третото место на глобално ниво со стапка на прифаќање од 46,4 отсто. Веднаш по неа се Ирска (44,6 отсто) и Франција (44,0 отсто), две земји со силни технолошки екосистеми.

Во меѓувреме, стапката на прифаќање во САД изнесува 28,3 отсто, што ги става на 24. место во светот. Интересно е што иако САД развиваат врвни ВИ-истражувања и се дом на некои од најголемите ВИ-компании, довербата во ВИ-технологијата е релативно ниска.

Според барометарот „Еделман траст“, само 32,0 отсто од населението во САД има доверба во ВИ. За споредба, оваа бројка во ОАЕ изнесува 67,0 отсто.

На самиот крај се наоѓа Камбоџа, со стапка од само 5,1 отсто. Иако се забележува напредок, ограничените инвестиции и инфраструктура остануваат клучни пречки за пошироко користење.

Извор: Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist