Локалните медиуми се соочуваат со сериозни предизвици: се затвораат локални телевизии и радиостаници, а голем дел од новинарите и медиумските работници остануваат без работа.
Поради отсуството на локални медиуми во овие средини, како и гаснењето на неколку регионални, одредени региони во Македонија станаа медиумски пустини (пустини од вести), односно територии во кои воопшто нема вести за и од заедницата, а локалното покривање на вестите е ограничено или повеќе не постои.
Според анализата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за информативна покриеност во Македонија, главни причини за создавање на пустините се: затворањето на локалните весници и радиостаници, што доведе до намалување на бројот на новинари и помалку покривање на локални настани и отворање прашања; централизацијата на медиумите и на производството на содржини, преминот од традиционални во дигитални медиуми и економската ситуација во малите заедници.
А без локални вести и стории, жителите може да се информираат од социјалните медиуми или од други несигурни извори на информации, со што се зголемува ширењето на дезинформации и слабее довербата во веродостојните вести. Кога граѓаните се помалку информирани за локалните прашања, се намалува нивниот ангажман во заедницата.
Локалните радиостаници во Македонија се обидуваат да егзистираат на неколку начини, но во последните години тоа станува сѐ потешко затоа што се намалени нивните главни приходи од продажба на рекламно време на локални бизниси.
Некои локални радија добиваат финансиска помош од општините, некои аплицираат во програмите за поддршка на локални медиуми на АВМУ, дел од нив аплицираат за ЕУ-проекти.
Дел од локалните, но и од регионалните радија кои зрачат сигнал во Скопскиот Регион емитуваат и преку интернет (стриминг) што им овозможува допир до поширока публика и помали трошоци.
Многу од радијата користат социјални мрежи за да емитуваат емисии во живо или да споделат интервјуа. Локалните радија работат во мали тимови во кои сопствениците се најчесто и водители, уредници и техничари.
Товар на радијата им се и високите трошоци за емитување, како што се техничките услови, годишната такса, исполнувањето на програмските содржини. Поради неисполнување на некои од овие услови дел од радијата престанаа со работа.
Факт е дека во последните 10 години е намален бројот на слушатели, конкуренцијата е зголемена од интернет-портали, а компаниите огласуваат најчесто на националните медиуми.
Радио Александар Македонски – три децении во кичевскиот етер
Радио Александар Македонски, еден од најстарите локални медиуми во Кичево, повеќе од 30 години успешно опстојува во локалниот етер, пренесувајќи информации, музика и култура до својата публика.
- Со развојот на новите технологии и дигиталните медиуми, радиото во последните години направи значаен чекор напред, овозможувајќи слушање и преку стриминг-платформи, што го направи достапно и надвор од Кичевскиот Регион. Сепак, големиот наплив на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм и особено зголемената употреба на Јутјуб од страна на пошироката популација доведоа до промени во медиумските навики на граѓаните. Овие тенденции се одразија и врз интересот за рекламирање, особено кај помалите локални компании кои сè почесто избираат дигитални канали наместо традиционалните медиуми - истакна Илија Таневски, сопственик на радиото од Кичево.
Додава дека и покрај тоа, Радио Александар Македонски во последните три години бележи континуиран раст на приходите, што сведочи за довербата што ја ужива меѓу слушателите и партнерите.
- Но, паралелно со зголемувањето на приходите, забележлив е и порастот на оперативните трошоци, што претставува предизвик во секојдневното работење на радиото - вели Таневски.
Од раководството на Радио Александар Македонски велат дека во периодот што следува ќе се работи на оптимизација на трошоците и пронаоѓање нови извори на финансирање, како преку проекти и соработка со институции така и преку проширување на дигиталното присуство. Со јасна визија, професионален тим и долгогодишна традиција, Радио Александар Македонски останува симбол на кичевскиот медиумски простор – глас кој повеќе од три децении го поврзува градот и неговите жители.
Што вели анализата на АВМУ за 2024 година?
Во текот на 2024 година дозвола да емитуваат програма имаа вкупно 103 радиодифузери (40 телевизии и 63 радиостаници). Во текот на годината престанаа да важат дозволите на вкупно 11 радиодифузери (три телевизии и осум радиостаници). На крајот на годината бројот на радиодифузери изнесуваше 92, од кои 37 телевизии и 55 радиостаници.
Вкупните приходи на пазарот на радијата изнесувале 246,27 милиони денари, а финансискиот резултат од работењето на сите радиостаници бил добивка во износ од 21,76 милиони денари.
Просечниот број вработени во редовен работен однос кај радиостаниците изнесувал 186 лица, од кои 57 лица биле вработени во четирите радиостаници што емитуваат програма на државно ниво, 60 лица во 14. регионални радиостаници и 69 лица во 35. локални радиостаници.
Локалните радиостаници се единствен сегмент на пазарот на радијата што остварил пониски приходи, и тоа за 3,16 %.
На почетокот на 2024 година програма на локално ниво емитуваа вкупно 43 локални радиостаници, од кои 40 комерцијални и три непрофитни. На крајот од годината бројот на локални радиостаници изнесуваше 36, од кои 33 комерцијални и три непрофитни радиостаници. Во анализата се опфатени податоците за економското работење на 35 од нив, поради тоа што во април 2025 година престана да важи дозволата на Универзитетското радио УГД ФМ - непрофитна радиостаница наменета за студентите на подрачјето на општина Штип 33.
Вкупните приходи на овие 35 локални радиостаници изнесувале 48,78 милиони денари, а вкупните трошоци 50,83 милиони денари. Остварен е позитивен резултат од работењето во висина од 1,15 милиони денари.
Најмногу локални радиостаници (вкупно пет) емитуваат програма на подрачјето на Тетово. Во Кичево програма емитуваат три радиостаници, во Куманово, Прилеп, Струмица, Велес, Кавадарци и Свети Николе по две радиостаници, а во другите 13 локални подрачја програма емитува по една радиостаница.
Фото: freepik
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.