Американски научници ја решија 100-годишната Шредингерова теорија за перцепција на боите кај луѓето
Истражувачите во САД конечно ги открија исчезнатите математички делови од вековната теорија на боите на теоретскиот физичар Ервин Шредингер, врз основа на неговиот геометриски модел што опишува како луѓето ја перципираат бојата.
Во 20-тите години австриско-ирскиот научник предложил математички модел на перцепција на боите врз основа на визуелниот одговор. Тој посочил дека целиот опсег на бои видливи за човекот може да се мапира како тродимензионална геометриска форма дефинирана од реакциите на конусните клетки (фоторецептори во мрежницата на окото одговорни за гледање бои и остар вид при силна светлина).
Сега, истражувачи предводени од д-р Роксана Бујак, научничка во Националната лабораторија „Лос Аламос“, користеле напредна геометрија за да покажат дека заситеноста, нијансата и светлината не се обликувани од културата или искуството. Научниците го финализирале Шредингеровиот модел и покажале дека овие атрибути се вградени во математичката структура на човечкиот вид, а не само „во окото на набљудувачот“.
- Она што го заклучуваме е дека овие квалитети на боите не произлегуваат од дополнителни надворешни конструкции, како што се културни или научени искуства, туку ги одразуваат суштинските својства на самата метрика на боите - изјавила Бујак.
Таа вели дека метриката ги опишува разликите во боите како мерливи геометриски растојанија.
Шредингеровата загатка за боите
Човечкиот вид зависи од трихроматијата, што значи дека користи три вида конусни клетки (фоторецептори) во мрежницата - црвена, зелена и сина - за да детектира бранови должини и да произведе боја во видот. Во 19 век германскиот математичар Бернхард Риман прв предложил дека овие перцептивни простори не се прави, туку закривени.
Во 20-тите години Шредингер ги дефинирал перцептивните атрибути на нијансата, сатурацијата и светлината. Тој посочил дека овие квалитети произлегуваат од метрика на перцепција на боите во неговиот Риманов модел. Неговите дефиниции обезбедиле рамка долга еден век, за разбирање на атрибутите на боите.
Сепак, додека работеле на алгоритми за научна визуализација, истражувачите откриле недостатоци во математичките основи на Шредингер. Ова ја отворило вратата за понатамошно усовршување на математичкото разбирање на перцепцијата на боите.
Тимот открил дека неутралната оска, линијата на сиви тонови што се протега од црна до бела, е голем проблем. Тие сфатиле дека Шредингер никогаш не ја дефинирал оската математички, иако неговите дефиниции се потпираат на тоа како се позиционирани боите во однос на неа.
Поправање на празнината
За да ја дефинира неутралната оска, тимот работел надвор од Римановиот модел. Тоа означило значаен пробив во математиката на визуализацијата. Тие, исто така, коригирале два дополнителни ефекти.
Исто така, се осврнале на „Безолд-Брике“ ефектот, во кој зголемувањето на осветленоста може да направи бојата да изгледа дека се менува во нијансата. Тимот го направил ова со користење на најкратката патека, наместо права линија, во нивниот геометриски модел на перцепција на бои.
- Разбирањето на перцепцијата на боите е важна компонента на науката за визуализација, клучна способност што влијае врз многу корисни процеси – заклучил тимот во соопштението.
Извор: interestingengineering.com
Фото: Freepik