Еден период во животот е поисцрпувачки од другите

Еден период во животот е поисцрпувачки од другите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Многумина се сеќаваат дека во дваесеттите години имавме повеќе енергија. Можевме да работиме до доцна, да спиеме лошо, да излеземе навечер, брзо да закрепнеме и следниот ден повторно да се чувствуваме способни.

До четириесеттите години таа леснотија исчезнува. Многу почесто чувствуваме замор. Лесно е да се претпостави дека тоа е едноставно процес на стареење.

Вистината е дека четириесеттите често се најисцрпувачката деценија, не затоа што сме стари, туку затоа што неколку биолошки промени се поклопуваат со животните барања што тогаш го достигнуваат врвот.

Клучно, и оптимистично, е дека нема причина да претпоставиме дека енергијата мора да продолжи да опаѓа на ист начин до шеесеттите.

Енергијата во дваесеттите години


Во раната зрелост повеќе системи истовремено го достигнуваат врвот.

Мускулната маса е најголема, дури и без намерен тренинг. Како метаболички активно ткиво, мускулот помага во регулирањето на шеќерот во крвта и го намалува напорот потребен за секојдневните задачи.

Истражувањата покажуваат дека скелетниот мускул е метаболички активен дури и во мирување и значително придонесува за базалната метаболичка стапка (енергијата што телото ја користи само за да ве одржи во живот кога мирувате). Кога имате повеќе мускули, трошите помалку енергија.

На клеточно ниво, митохондриите - структури што ја претвораат храната во употреблива енергија, се помногубројни и поефикасни. Тие создаваат енергија со помалку отпад и помалку воспалителни нуспроизводи.

И сонот е подлабок. Дури и кога е пократок, мозокот произведува повеќе сон со бавни мозочни бранови, фазата која е поврзана со физичкото закрепнување.

Исто така, постабилен е хормоналниот ритам. Кортизолот, често опишуван како хормон на стресот, мелатонинот, хормонот за раст и половите хормони следат предвидливи дневни обрасци, што ја прави енергијата порамномерна во текот на денот.

Едноставно кажано, енергијата во дваесеттите ја имате во изобилство и лесно „ви простува“. Можете да ја злоупотребувате и сепак да поминете без последици.

Исцрпувачките четириесетти

До средните години ниеден од овие системи не пропаѓа, но малите промени почнуваат да значат многу.

Мускулната маса почнува да опаѓа од доцните триесетти години, освен ако не вежбате за да ја одржувате. Тоа е и главниот совет, да правите вежби за сила. Губењето мускули е постепено, но неговите ефекти не се. Помалку мускули значи дека секојдневното движење троши повеќе енергија, дури и ако свесно не го забележувате тоа.

Митохондриите и понатаму создаваат енергија, но помалку ефикасно. Во дваесеттите лошиот сон или стрес беа лесно подносливи. Во четириесеттите неефикасноста е често присутна, а закрепнувањето скапо ве чини.

Се менува и сонот. Многу луѓе и понатаму спијат доволно часови, но сонот станува испрекинат. Помалку длабок сон значи помалку закрепнување. Заморот се чувствува како насобран, а не повремен.

Хормоните не исчезнуваат, туку варираат, особено кај жените. Варијабилноста, а не недостигот, ги нарушува регулацијата на температурата, времето на спиење и енергетскиот ритам. Телото подобро се справува со ниски нивоа отколку со непредвидливи.

Тука е и мозокот. Средните години се период на максимално когнитивно и емоционално оптоварување: лидерство, одговорност, будност и грижа за другите. Префронталниот кортекс одговорен за планирање, донесување одлуки и контрола, потешко работи за истиот ефект. Менталниот мултитаскинг ја троши енергијата исто толку колку и физичката работа.

Затоа четириесеттите се толку сурови. Биолошката ефикасност почнува да се менува токму кога барањата се најголеми.

Надеж во шеесеттите


Подоцнежните години често се замислуваат како продолжение на падот од средната возраст; сепак, многу луѓе пријавуваат нешто поинакво.

Хормонскиот систем често се стабилизира по периодот на транзиција. Животните улоги често пати стануваат поедноставни. Когнитивното оптоварување може да се намали. Искуството ја заменува постојаната активна одлука.

Сонот не се влошува автоматски со возраста. Кога стресот е помал и рутините се стабилни, ефикасноста на сонот може да се подобри дури и ако спиењето е пократко.

Клучно е што мускулите и митохондриите изненадувачки добро се приспособуваат и во подоцнежните години. Тренинг за сила кај луѓе во шеесеттите, седумдесеттите и подоцна може да ја врати силата, да го подобри метаболичкото здравје и да ја зголеми енергијата за само неколку месеци.

Тоа не значи дека подоцнежниот живот носи неограничена енергија, но често носи нешто друго - предвидливост.

Добрите вести се тоа што во текот на зрелоста енергијата го менува својот карактер. Грешката што ја правиме е претпоставката дека заморот во средните години одразува личен неуспех или дека означува почеток на неизбежен пад. Анатомски, тоа не е точно.

Заморот во средната возраст најдобро се разбира како несогласување меѓу биологијата и барањата - мали промени во ефикасноста што се случуваат токму кога когнитивните, емоционалните и практичните оптоварувања се најголеми.

Охрабрувачката порака не е дека можеме да се вратиме на истата состојба од дваесеттите, туку дека енергијата во подоцнежниот живот останува многу променлива и дека исцрпеноста карактеристична за четириесеттите не е крај на приказната.

Заморот во оваа фаза не е предупредување за неизбежен пад, туку сигнал дека правилата се промениле.

Извор: 021.rs
Фото: Freepik