Уред кој со децении беше дел од секој дом полека заминува во заборав

Уред кој со децении беше дел од секој дом полека заминува во заборав

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За милиони Германци, фиксниот телефон беше неизоставен дел од секојдневието. Но, новите податоци на Сојузниот завод за статистика покажуваат дека класичниот фиксен телефон полека исчезнува од германските домаќинства, а мобилниот одамна го презеде водството.

Промената е јасно видлива во бројките. Според истражувањето на Заводот за статистика, во 1998 година дури 96,8 отсто од сите германски домаќинства имале фиксен телефон, додека мобилен поседувале само 11,2 отсто.

Во 2023 година сликата е целосно поинаква: сега 99,0 отсто од домаќинствата имаат мобилен телефон (од кои 95,7 отсто користат паметен телефон). Фиксен телефон има во само 72,4 отсто од домаќинствата, со тоа што трендот на опаѓање продолжува. Уште понагласен е растот на интернетот: во 1998 година го имале само 8,1 отсто од домаќинствата, додека денес тој број достигнал неверојатни 99,1 отсто.

Зошто толку луѓе го откажуваат фиксниот телефон?


Многу потрошувачи се прашуваат дали воопшто им е потребен.

Секој што поседува паметен телефон, всушност, плаќа двојно за уред што често само собира прашина. Интересно е што чистите интернет-договори без телефонска опција полека исчезнуваат од пазарот; операторите нудат пакети што ги вклучуваат и двете услуги.

За кого фиксниот телефон сè уште има смисла?


Сепак, постојат ситуации во кои фиксниот приклучок останува корисен. Пензионерите и понатаму имаат фиксен телефон затоа што се чувствуваат посигурно со познат број и уред на кој се навикнати, како и семејства со деца кои сè уште немаат сопствен мобилен телефон. Тука се и корисниците што работат од дома и сакаат јасно да ги одделат деловните од приватните повици, како и луѓето што живеат во рурални региони каде што мобилниот сигнал често е слаб.

Исто така, Центарот за советување на потрошувачите истакнува дека фиксната телефонија по правило е постабилна од мобилната, особено во згради со слаб прием, каде што корисниците на паметни телефони често имаат проблеми со сигналот.

Извор: n1info.hr 
Фото: Freepik