Вештачката интелигенција во образованието: Дали „Чет-ГПТ“ и сличните апликации ќе ги пишуваат семинарските и домашните задачи?

Вештачката интелигенција во образованието: Дали „Чет-ГПТ“ и сличните апликации ќе ги пишуваат семинарските и домашните задачи?

Пребарувањето на најпознатиот интернет-пребарувач „Гугл“ полека, но сигурно почнува да стагнира како последица на појавата на апликациите за вештачка интелигенција, како што се „Чет-ГПТ“ и сличните. Не само кај учениците, туку и кај студентите ползувањето на вештачката интелигенција зема замав. Веќе извесно време учениците и студентите ги ползуваат таканаречени генеративни системи со вештачка интелигенција за успешно да ги завршат своите домашни задачи и семинарски работи.

Но, дали ова е закана за наставата? И што ќе се случи со досега установените начини на оценување?!

По спектакуларното јавно „лансирање“ на апликацијата за вештачка интелигенција „Чет-ГПТ“ на крајот од 2022 година, вештачката интелигенција повеќе не е само тема на технолошките конференции, туку стана тема и во нашето секојдневие. Учениците и студентите многу брзо ги препознаа придобивките од вештачката интелигенција за свои потреби. Тие несомнено добиваат голема помош од „Чет-ГПТ“ и слични апликации за решавање на домашните задачи, ги користат чет-ботовите како помагала за учење, за подготовка на испити и за презентации.

Но, колку е ова полезно? И какви се последиците за нив и за идните генерации?

Напредокот на вештачката интелигенција полека, но сигурно влегува во нашиот секојдневен живот. „Чет-ГПТ“, „Џемини“, „Дипсик“ и сличните алатки им се достапни на учениците и на студентите. Овие апликации со вештачка интелигенција им нудат на учениците можност нивните домашни задачи, есеи или семинарски работи да бидат напишани од апликацијата. Квалитетот на текстовите генерирани со алатките за вештачка интелигенција во одделни случаи е доволно висок за да ги задоволи барањата на наставата.
Но, овој триумф на ползувањето на вештачката интелигенција поттикнува на размислување за неколку сериозни прашања, особено за нивната примена во наставата, па и во образованието во целост. Тие во иднина се закануваат целосно да ја трансформираат наставата, а со тоа и учењето. Рака на срце, по некои наставни предмети веќе почнуваат да го прават тоа. Проблемот е следниот: Замислете си какви се последиците ако еднострано и целосно се потпреме на овие алатки во решавањето на задачите? Тогаш што е со самостојното истражување и потребата од самостојна работа од која во најголема мера зависи успехот во учењето? Која би била тогаш алтернативната потврда дека ученикот навистина го совладал наставниот материјал?
Постои голема опасност по долгорочна примена на овие апликации младите да ја изгубат можноста за критичко размислување. Ова е особено ризично за учениците кои се на возраст кога процената и независноста сè уште им се развиваат. Постои огромна опасност со далекосежни последици ако учениците и студентите им дозволуваат на апликациите целосно да им ги завршат сите нивни домашни задачи или презентации. Ова води кон недостиг на потребниот индивидуален ангажман, односно кон подоцнежното стекнување работни навики

Загрижува и тоа што „Чет-ГПТ“ и сличните апликации прават грешки. Поинаку кажано, овие вештачки интелигенции често „халуцинираат“ - даваат информации кои навидум се издржани и веродостојни, но во дадени ситуации се целосно измислени. Иако одговорите на вештачката интелигенција звучат веродостојно, тие сепак можат да бидат погрешни, неточни, застарени или искривоколчени. Без насочување и критичко размислување, алатката која е креирана со цел да помогне во учењето може да има спротивен ефект, односно да биде контрапродуктивна.
Не само наставниците, универзитетските професори, туку и многу ученици и студенти отворено зборуваат дека многу ретко пишуваат презентации, трудови и домашни задачи без консултирање апликации за вештачка интелигенција. Неоспорно е дека овие алатки имаат капацитет да го коригираат и подобрат напишаното, можат лесно и брзо да обезбедат резимеа и да создадат илустрации и слики (со авторските права) – сево ова со исклучително голема брзина и на уверлив начин. Оттука, донекаде би било разбирливо што многу ученици и студенти се потпираат на алатките за вештачка интелигенција. Но, ова исто така значи дека тие повеќе не се справуваат со тешки проблеми, сложени факти и решавање тешки задачи. Иако примената на вештачката интелигенција заштедува време, нејзината примена во образованието дава мал или речиси никаков напредок во развојот на сопствените вештини.
Тогаш зошто толкаво потпирање на вештачката интелигенција? Многу ученици и студенти во современиот наставен процес се под постојан притисок на времето. Имено, најчесто станува збор за испрашувања, тестови, испити и слични проверки на знаењето. Оттука е присутна желбата за олеснување на задачите со помош на вештачката интелигенција.

Дури и во техничките области, како што е инженерството, моделите на вештачка интелигенција почнуваат да навлегуваат, и тоа покрај веќе познатиот „Чет-ГПТ“, кинескиот „Дипсик“ има капацитет успешно да решава сложени задачи. Факт е дека „Чет-ГПТ“, „Џемини“, „Клауд“ и „Грок“ одамна напреднаа до точка каде што се лесно применливи дури и во инженерството. Прашањето што сите упатени го поставуваат е дали со помош на ползувањето на овие алатки се учи?
Но, што е со подоцнежната кариера? Вештините како што се пишувањето, програмирањето и аналитичко истражување со примената на вештачката интелигенција едноставно нема да ги добиете! Тоа значи дека исклучиво само со користење вештачка интелигенција не е можно да имате успех. Исто така, многу е важно за ефикасно користење на вештачката интелигенција да разберете точно што се бара во задачата. Во спротивно, голема е веројатноста да добиете погрешен резултат. Едноставно е: ако ѝ дозволите на „машината“ да работи за вас, нема да развиете никакви вештини.
Неопходно е писмените задачи да продолжат, но да бидат оценувани поинаку.

Исто така, мора да имаме предвид дека за една деценија профилите на работни места во деловниот свет ќе се променат уште порадикално како последица на вештачката интелигенција.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност