Откриени водни резервоари на Месечината

Откриени водни резервоари на Месечината

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научници велат дека откриле докази за водни резервоари на Месечината. Откритието може да го подобри нашето разбирање на Месечината и да помогне во идни вселенски мисии кои може да ја користат Месечината за престој.

Се проценува дека има милијарди тони вода на разни страни од Месечината. Откритието на водниот резервоар било направено со помош на кинеската мисија „Чанги 5“. Биле пронајдени водни зрна за кои се верува дека претставуваат резервоари, односно ја чуваат водата на Месечината.

Научниците се речиси сигурни дека има воден мраз на Месечината. Иако таму има многу помалку вода во споредба со Земјата, се претпоставува дека поголемиот дел од површината на Месечината има мало количество вода.

Научниците претпоставуваат дека водата се менува во текот на денот и постојат места на кои таа се крие во почвата. Со новото откритие, истражувачите веруваат дека водата можеби се наоѓа во зрна какви што биле пронајдени од кинеската мисија.

Овие таканаречени „стаклени“ зрна функционираат како сунѓери, впивајќи ја водата и овозможувајќи го водениот циклус на Месечината. Ваквите зрна би можеле да чуваат дури 270 милијарди тони вода на Месечината, според истражувачите.

Извор: Independent
Насловна фотографија: Pixabay