Знаете ли кој бил Јакоб Фугер, наречен Богатиот?

Знаете ли кој бил Јакоб Фугер, наречен Богатиот?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако се смета за еден од најбогатите луѓе на сите времиња, малкумина слушнале за Јакоб Фугер, познат како Богатиот. Уште во младоста Јакоб се заколнал: - Ќе собирам пари додека можам.

Посветеноста на оваа цел го направила неговото семејство најмоќното во Европа во 15 и 16 век.

Роден е на 6 март пред 565 години, односно во 1459 година во Аугсбург, Германија, како десетто од единаесетте деца во семејство на банкари и трговци со текстил.

Најпрво му била предодредена кариера во црквата, но по смртта на неговиот постар брат, Јакоб сè уште бил вработен во семејниот бизнис. Тоа била одлука која се покажала како судбоносна не само за семејството Фугер, туку и за цела Европа. Многу брзо станало јасно дека Јакоб поседува силен карактер и бескрајна амбиција. Додека трговијата со скапи ткаенини продолжила да зазема важен дел од семејниот бизнис, Јакоб се посветил на рударството и банкарството, кои биле клучни во изградбата на деловната империја Фугер.

Преку заеми на династијата Хабсбург, тој успеал да постигне монопол над профитабилната трговија со бакар и сребро во Европа, а парите на Јаков помогнале дури и во изборот на германските императори и архиепископи. Богатството на Фугер изнесувало околу 2 отсто од бруто-националниот приход на Европа во тоа време. Дури и 17 генерации подоцна, за време на Втората светска војна, потомците на Јакоб сè уште живееле од приходите што произлегувале од бизнисот што тој го започнал.

Но, освен што бил талентиран за бизнис, Јакоб Фугер бил и дипломат и стратег.

Во времиња кога владетелите имале неограничена моќ, Јакоб Фугер имал храброст и вештина да се вклучи во високоризичното позајмување огромни суми на владетелите, кои им биле потребни за да водат војни и раскошни животи.

Фугер станал богат и моќен со финансирање на територијалните амбиции на хабсбурговците. Токму неговиот заем бил пресуден за изборот на Карло Петти на престолот на Светото Римско Царство. Од потребните 850.000 гулдени, Јакоб обезбедил повеќе од половина.

Црквата ги користела и банкарските услуги на Фугер. Јаков влијаел врз промената на црковниот декрет, според кој наплатувањето камата на заемите се сметало за грев. Во новиот декрет на папата Лео, наплатата на камата се сметала за лихварска само доколку заемот се дава „без труд, трошок или ризик“, што секако не било заем.

Во замена за заемите, од семејството Фугер побарале од владетелот удел во рудниците. На овој начин Јакоб ја контролирал рударската индустрија во Европа и постигнал профитабилен монопол во трговијата со сребро и бакар.

Фугер бил меѓу првите што го користел методот на книговодство со двојни записи во Северна Европа, што обезбедило подобар увид во деловното работење. Тој, исто така, бил меѓу првите што испратиле ревизори да го проверат работењето во филијалите.

Како млад, Јакоб Фугер бил испратен на стажирање во Венеција, која била позната како претприемачка престолнина на Европа. Престојувајќи во меѓународен и космополитски град, Јакоб имал можност да стекне знаење, искуство и врски кои му биле од корист за бизнисот до крајот на неговиот живот.

Тој бил свесен за важноста на навремените информации за бизнисот. Така, го основал првиот сервис за вести во светот кој дознавал за трендовите на пазарот. Ова се случило половина век пред да се појават весниците.


Јакоб Фугер останал запаметен и како познат филантроп. Во 1516 година го основал „Фугереј“, што се смета за прва изградена населба за социјално загрозените во светот. „Фугереј“ постои до ден-денес и е важна туристичка атракција на градот Аугсбург. Со купување огромни имоти и окрузи, Фугер се здобил со титулата гроф, што претставувало преседан во Европа во тоа време.

Според некои процени, Фугер на крајот од својот живот поседувал 300 милијарди долари во денешна вредност. Умрел на 30 декември 1525 година во Аугсбург, како еден од најбогатите луѓе во историјата.

Извор: 6yka.com

Фото: YouTube screenshot