Џим Кери е актерот што најмногу ја дели публиката, покажа истражување

Џим Кери е актерот што најмногу ја дели публиката, покажа истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој има омилен актер, но исто така и некој што го нервира и не може да го поднесе бидејќи уметноста е доста субјективна.

Токму затоа некои актери предизвикуваат поголеми поделби кај публиката.

Научници и истражувачи од „Стат сигнификант“ се обиделе да го измерат тоа со научен пристап и да утврдат кој актер предизвикува најмногу поделби меѓу публиката, односно оној за кој публиката има најмногу поделени мислења.

За да го утврдат тоа, истражувачите анализирале голем број онлајн филмски рецензии. Поларизацијата се мери преку распределбата на оцените, додека повеќето филмови добиваат средни или високи оцени, поларизирачките филмови имаат и многу високи и многу ниски оцени.

Со други зборови, публиката или ги обожава или не ги поднесува.

Истражувањето покажало дека филмот што најмногу ја дели публиката е „План 9 од вселената“, а по него следуваат „Пасија“ и „Самрак“.

Меѓу жанровите, хорор-филмовите се покажале како најполаризирачки, потоа следуваат семејните и научнофантастичните филмови. Анализата покажала и дека со ваквите филмови често се поврзуваат поими како „нискобуџетен“ и „Исус“, но и „танц“, „мјузикл“ и „франшиза“.

Кога станува збор за актерите, на врвот се најде Џим Кери како актер што најмногу ја дели публиката. Дел од публиката е воодушевена од неговиот препознатлив, ексцентричен хумор, додека на други воопшто не им одговара.

Додека едни ги обожаваат филмовите како „Глупавиот и поглупавиот“, за други таквите сцени се одбивни. Слично важи и за неговите помалку ценети филмови, кои сепак имаат верна публика.

Токму оваа силна поделба во мислењата е причината што се смета за актер што најмногу ја дели публиката.

Извор: 021.rs 
Фото: Screenshot/Youtube