Само 13 земји во светот имаат безбеден воздух - три од нив се во Европа

Само 13 земји во светот имаат безбеден воздух - три од нив се во Европа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Индија е дом на најзагадениот град во светот, според новиот Светски извештај за квалитетот на воздухот на компанијата „Ај-кју еар“ (IQAir).

Во само 14 отсто од градовите во светот жителите дишат безбеден воздух, што претставува пад од 17 отсто во споредба со претходната година.

Швајцарската компанија за следење на загадувањето „Ај-кју еар“ ги анализира податоците од 9.446 градови во 143 земји, региони и територии за својот ново Светски извештај за квалитетот на воздухот за 2025 година.

Извештајот открива дека квалитетот на воздухот се влошува на глобално ниво, најмногу поради климатските промени предизвикани од човекот. Чадот од шумските пожари беше главен двигател на лошиот квалитет на воздухот во 2025 година, заедно со песочните бури и други екстремни временски настани засилени со согорувањето фосилни горива.

Во најлошата година со шумски пожари забележана во Европската Унија, пожарите го достигнаа својот врв во август кога уништија фарми, шумски предели и домови. Екстремните временски услови предизвикаа најмалку 43 милијарди евра краткорочни економски загуби низ целиот континент, поттикнати од смртоносни топлотни бранови, поплави и суши.

Светската здравствена организација поставува безбедни граници за ПМ2,5 честичките поради здравствени ризици. Нивната големина, помала од 2,5 микрометри во дијаметар, значи дека овие ситни честички можат да патуваат длабоко во белите дробови и да влезат во крвотокот. Тие се поврзани со респираторни проблеми, кардиоваскуларни болести и долготрајни заболувања, како што е ракот.

Само три европски земји се во безбедните рамки.

Каде има најдобар, а каде најлош квалитет на воздухот?

Во Европа, Андора, Естонија и Исланд се единствените земји што ја исполнија годишната насока на СЗО за ПМ2,5 - 5 микрограми на кубен метар во 2025 година.

Тие се меѓу 13. земји и територии на глобално ниво што останаа во безбедните граници. Другите се Австралија, Барбадос, Бермуди, Француска Полинезија, Гренада, Нова Каледонија, Панама, Порторико, Реинион и Американските Девствени Острови.

Тоа значи дека 130 од 143 опфатени земји (91 отсто) не ги исполнија препораките.

Петте најзагадени земји се Пакистан (67,3 микрограми на кубен метар), Бангладеш (66,1 микрограми на кубен метар), Таџикистан (57,3 микрограми на кубен метар), Чад (53,6 микрограми на кубен метар) и Демократска Република Конго (50,2 микрограми на кубен метар).

Сите 25 најзагадени градови во светот се наоѓаат во Индија, Пакистан и Кина, при што Индија е дом на три од четирите најзагадени градови, вклучувајќи го и незавидното прво место.

Лони во северната држава Утар Прадеш имаше годишна просечна концентрација на ПМ2,5 од 112,5 микрограми на кубен метар - речиси 23 отсто повисока отколку во 2024 година и повеќе од 22 пати над препораките на СЗО. Истражувањето од 2024 година покажа дека сообраќајот, индустриските емисии, прашината од патиштата и нелегалното фрлање отпад се најголемите извори на загадување.

Ниевудвил, Јужна Африка, беше најмалку загаденото место на листата, со годишна просечна концентрација на ПМ2,5 од 1,0 микрограми на кубен метар.

Каде е најлошото загадување на воздухот во Европа?

Во Европа, во 2025 година, 23 земји забележаа зголемување на годишните просечни концентрации на ПМ2,5, 18 забележаа намалување, а една беше новододадена.

Загадувањето со ПМ2,5 се зголеми за повеќе од 30 отсто во Швајцарија и Грција поради чадот од шумските пожари од Северна Америка и прашината од Сахара. Малта го забележа најголемиот пад од речиси 24 отсто. Ова делумно се должи на долгогодишните напори за префрлање на производството на енергија од тежок мазут кон обновливи извори, како и на политиките насочени кон емисиите од сообраќајот.

Сè уште постојат недостатоци во податоците за квалитетот на воздухот


Додека 54 земји доживеаја зголемување на годишниот просек на ПМ2,5 во новиот Светски извештај за квалитетот на воздухот, кај 75 е забележано намалување, а кај две состојбата остана непроменета.

Иако овој извештај вклучува 12 дополнителни земји кои ги немаше минатата година, остануваат големи недостатоци во податоците. Според „Ај-кју еар“, само мал дел од светското население има пристап до хиперлокални информации за квалитетот на воздухот во реално време.

А на некои места состојбата се влошува. Во март 2025 година администрацијата на Трамп ја укина глобалната програма за мониторинг на квалитетот на воздухот на САД, оставајќи милиони луѓе без пристап до податоци.

Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA) со седиште во Финска извести дека напорите за мониторинг во 44 земји биле ослабени, а шест останале без никаков мониторинг.

- Без мониторинг, не можеме целосно да разбереме што има во воздухот што го дишеме. Проширувањето на пристапот до податоци во реално време им дава моќ на заедниците да дејствуваат. Со намалување на емисиите и справување со климатските промени, можеме да поттикнеме значајни и трајни подобрувања во квалитетот на воздухот на глобално ниво - вели Френк Хамес, извршен директор на „Еј-кју еар“.

Извор: Euronews.com 
Фото: Freepik