Стотици британски тинејџери ќе учествуваат во пилот-проект за забрана на социјалните мрежи - какви ќе бидат резултатите?

Стотици британски тинејџери ќе учествуваат во пилот-проект за забрана на социјалните мрежи - какви ќе бидат резултатите?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Стотици британски тинејџери на возраст од 13 до 17 години ќе учествуваат во шестнеделен пилот-проект со кој ќе се тестираат ефектите од забрана или ограничување на користењето на социјалните мрежи.

Шестнеделниот пилот-проект ќе опфати 300 млади на возраст од 13 до 17 години кои ќе испробаат различни ограничувања - од временски рестрикции до „полициски час“ и целосна забрана.

Одделот за наука, иновации и технологија ќе следи како овие мерки влијаат врз училишниот успех, сонот и семејниот живот на тинејџерите.

Пилот-проектот започнува во момент кога во Обединетото Кралство се завршуваат владините консултации за можна забрана на социјалните мрежи по примерот на Австралија.

Во текот на пробниот период, родителите на учесниците ќе бидат поделени во четири групи, од кои првата ќе примени целосна блокада на пристапот до одредени апликации.

Втората група ќе го ограничи користењето на апликациите „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Снепчет“ на еден час дневно, додека третата група ќе воведе забрана за користење на мрежите помеѓу 21 и 7 часот.

Четвртата група ќе им остави на тинејџерите неограничен пристап до социјалните мрежи.

Семејствата ќе бидат интервјуирани пред и по пилот-проектот за да се оцени влијанието на мерките и предизвиците со кои се соочиле.

- Решени сме да им обезбедиме на младите луѓе детство какво што заслужуваат и да ги подготвиме за иднината. Овој пилот-проект ќе ни обезбеди докази потребни за следните чекори - изјави британската министерка за технологија Лиз Кендал.

Извор: 021.rs
Фото: Freepik