Овој австриски парк е дизајниран за почитување на социјалното дистанцирање

Овој австриски парк е дизајниран за почитување на социјалното дистанцирање

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу паркови и јавни градини се затворени поради изолацијата и рестрикциите затоа што властите се загрижени дека граѓаните нема да ги почитуваат правилата за социјално дистанцирање.

Но, во Австрија дизајнерите смислиле начин на како луѓето да бидат одделени, а сепак да ги искористат придобивките од природата.

Во Виена познатите паркови како Шенбурн и Белведере се затворени поради вирусот, оставајќи им на луѓето ограничен простор да вежбаат или да прошетаат на свеж воздух. Ваквите ограничувања предизвикаа нова идеја - парк што сам ги воведува правилата за социјално дистанцирање.

Студиото „Прехт“ дошло до интересно идејно решение за еден простор во Виена - да го претвори во парк што ќе биде дизајниран за принудно почитување на правилата за социјално дистанцирање, наречен „Парк де ла дистанц“.

1

Инспирација за паркот биле отпечатоците од прстите - ѕидови во форма на спирала, поставени како лавиринт.

- Исто како отпечаток од прсти, паралелните ленти ги водат посетителите низ брановиден пејзаж. Секоја лента има влез и излез што укажува дали патеката е зафатена или можете слободно да шетате по неа. Патеките се оддалечени 240 сантиметри една од друга и имаат ширина од 90 сантиметри - објаснува дизајнерот Крис Прехт.

2

Посетителите што шетаат низ патеките, иако се оддалечени поголемиот дел од времето, можат да слушнат чекори од соседните патеки за да не се чувствуваат премногу изолирано.

- Индивидуалното патување трае околу 20 минути и нуди кратко време да уживате во самотијата. Привремено изолирање од јавноста: момент за размислување, медитирање или прошетка во природата - додава Крис.

3

Иако предлогот е дизајниран специфично за Виена, од „Студио Прехт“ велат дека може да се приспособи каде било и дека паркот ќе го издржи тестот на времето дури и тогаш кога ќе можеме повторно да шетаме рамо до рамо.

Извор: Lonely Planet
Фотографии: ©Studio Precht