Студентите од ТТФ - Штип претставија свои модели преку филмска ревија во време на пандемија

Студентите од ТТФ - Штип претставија свои модели преку филмска ревија во време на пандемија

Студентите на Технолошко-техничкиот факултет при УГД–Штип направија несекојдневна презентација на нивните креации, преку видеоприказна и фотосесија работени на тема: Пандемизам (креативна приказна на една онлајн-генерација).

Во услови кога јавни настани се забранети, физичкото присуство на факултетот е оневозможено, менторот на студентите, доц. д-р Сања Ристески, одлучи креативната работа на студентите да ја презентира на еден несекојдневен начин – преку атипична видеоприказна во која студентите се главни актери/протагонисти - тие се носители на целата приказна, а воедно и дизајнери на облеката што е претставена во видеото.

- Целта на колекцијата е преку несекојдневен видеозапис да ја пренесеме нашата порака, нашата борба со невидливиот непријател – пандемијата на ковид-19, бидејќи организирање моден настан во овие услови на пандемија и полициски час е речиси невозможно - вели проф. д-р Ристески.

Во креирањето на колекцијата учествуваа 20 студенти од трета и четврта година на насоката Дизајн на текстил и облека на Технолошко-техничкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“. Дизајните беа работени како завршен испит по предметите Конструкција на облека и Моделирање на облека.

- Идејата за оваа тема потекна уште пред една година кога студентите креираа заштитни маски наменети за донација, а инспирирани од пандемијата - изјави доц. д-р Сања Ристески.

Темата е „ПАНДЕМИЗАМ (креативна приказна на една онлајн-генерација) или сфатена како модно движење за време на пандемијата.
Студентите, заедно со својот ментор, на темата работеле уште од почетокот на минатиот семестар, за денес да биде достапна за јавноста преку креативно видео кое го изработија самите студенти, менторот, а со техничка поддршка од Универзитетската телевизија.