Бавното трчање стана тренд на социјалните мрежи, а еве како влијае врз здравјето
Бавното трчање е нов тренд кој ги освојува социјалните мрежи и ги поттикнува луѓето да прифатат полесно темпо на тренинг.
Овој пристап не ги нагласува само издржливоста и помалиот ризик од повреди, туку го прави трчањето подастапна активност за сите, без оглед на физичката подготвеност. Но, дали таквиот тренинг навистина му го дава на телото она што му е потребно?
Трендот го популаризира тиктокерката Ариел Гринштајн со видео во кое го сподели своето искуство од полумаратон, опишувајќи се себеси како „бавна тркачка“. Нејзиното видео е прегледано повеќе од милион пати и предизвика многу реакции.
- Навистина сум горда, се чувствувам исполнето и не мислев дека ова е можно. Затоа на сите што мислат дека не можат да трчаат им порачувам – само напред - рече Гринштајн по трката.
Што е бавно трчање?
Во основа значи токму тоа – да трчате бавно и да си дадете повеќе време за посакуваното растојание. Целта е овој спорт да биде подостапен за сите, без оглед на возраста, градбата или физичката кондиција. Она што е „бавно“ се разликува од личност до личност.
Тод Бакингем, доктор на науки и професор на државниот универзитет „Гранд Вали“, вели дека бавното трчање значи одржување на отчукувањата на срцето под 70 проценти од максимумот. Груба процена на максималниот број отчукувања можете да добиете така што од бројот 220 ќе ги одземете вашите години.
Покрај тоа, за време на таквото трчање би требало да можете нормално да разговарате без да останете без здив. Според неговите зборови, бавното темпо обично е околу 90 секунди до 2 минути побавно од вашето просечно темпо, односно темпото кое можете да го држите при поголем напор.
Александра Вајснер, тренер по трчање, го опишува тоа поедноставно.
- Бавното трчање е темпо со кое се чувствувате пријатно. Тоа е лесен ритам и можете да го одржувате подолго време - вели таа.
Бавното трчање е за сите
Бавното трчање носи и низа придобивки за физичкото здравје. Вајснер истакнува дека ваквиот пристап ги урива бариерите.
-Многу рекреативци би сакале за себе да кажат дека се тркачи, но светот на трчањето често им го наметнува чувството дека не се тоа поради нивното темпо. Бавното трчање им ги отвора вратите на сите - вели таа.
Тренингот станува подруштвен.
-Трчањето со пријателите ни помага уште повеќе да се зближиме. Тоа е можност за разговор за животот, соништата и целите. Така трчањето станува позабавно - објаснува Вајснер.
Кога станува збор за физичкото здравје, бавното трчање е еден од начините да се намали ризикот од повреди, тврди Бакингем. Форсирањето максимална брзина на секој тренинг не е одржливо и не му остава на телото доволно време за закрепнување.
Бакингем предлага комбинација од трчање и одење. Паузите за одење помагаат бројот на отчукувања на срцето да остане низок.
-Можете тоа да го организирате како што најмногу ви одговара. Некои од моите спортисти трчаат четири минути, па одат една, и така 30 минути - вели тој.
Фото: