Медицинска сестра од Чернобил, 40 години по несреќата, откри кој бил застрашувачкиот „црвен“ симптом

Медицинска сестра од Чернобил, 40 години по несреќата, откри кој бил застрашувачкиот „црвен“ симптом

Само еден час по експлозијата на четвртиот реактор во нуклеарната електрана во Чернобил, првите повредени почнаа да пристигнуваат во болницата во Припјат. Ноќта на 26 април 1986 година, нешто по два часот по полноќ,  лекарите и медицинските сестри не ни насетуваа дека се нашле среде најголемата нуклеарна катастрофа во историјата.

Десетици пожарникари и работници во електраната пристигнуваа со тешки изгореници. Во недостиг на информации и соодветна опрема, медицинскиот персонал ја примени тогаш вообичаената советска метода – ги плакнеа нивните рани со млеко, верувајќи дека тоа ќе ги ублажи изгорениците и ќе ги отстрани токсините.

Но, тоа не можеше да го запре разорувањето што радијацијата го беше започнала длабоко во нивните тела.

Лицата им ја открија страшната вистина

Како што одминуваше ноќта, во болницата пристигнуваа сè повеќе повредени. Тогаш на персоналот му стана јасно дека се соочуваат со катастрофа од невидени размери. Многу пожарникари и работници поминаа само неколку минути на покривот на четвртиот реактор, но и тоа беше доволно да примат смртоносна доза на зрачење – онаа што можеше да убие човек за помалку од пет минути изложеност.

Командантот на пожарникарите, Петар Хмел, се присети на тие моменти во документарецот „Чернобил: 48 часа за бегство“.

-Трчав по ходникот и имав чувство како подот да се поместува - раскажа тој. На лицето носел обичен платнен респиратор, целосно бескорисен против радијацијата. - Го тргнав, а од устата ми бликна фонтана крв.  Другите пожарникари по деконтаминацискиот туш излегуваа повраќајќи, дезориентирани и привремено глуви. Сето тоа се случи во рок од само еден час од експлозијата на реакторот.

Знакот што најмногу ги плашеше лекарите


До шест часот наутро болницата беше во вонредна состојба. Пациентите што не беа озрачени беа преместени, подовите беа темелно измиени, а персоналот се подготвуваше за најлошото.

Болничарката Људмила Џулај, која таа ноќ била на должност, никогаш не го заборави она што го видела. - Ги носеа со лица црвени и изгорени. Радијациските изгореници не се топлински изгореници. Нема плускавци. Наместо тоа, на лицата на озрачените се појавуваше застрашувачка нијанса позната како „нуклеарен тен“. Лицето едноставно станува црвено како крв, дури бордо - објасни таа. Иако името звучи речиси безопасно, станува збор за еден од најсмртоносните симптоми на акутниот радијациски синдром.

Што всушност се случуваше во нивните тела


Длабокото црвенило настанува кога огромна количина гама и бета-честички буквално ги разоруваат клетките и ДНК. За време на јонизацијата електроните се одвојуваат од атомите, создавајќи изразено нестабилни слободни радикали. Тие го уништуваат генетскиот материјал и доведуваат до масовно изумирање на клетките. Најмногу страдал слојот на кожата што е одговорен за создавање нови клетки. Лицето особено било погодено поради исклучително густата мрежа на крвни садови. Организмот се обидувал да ја поправи штетата, па крвните садови нагло се прошириле, носејќи огромни количини крв и одбранбени клетки на зафатените подрачја. Но, штетата веќе била непоправлива. Како што ткивото се распаѓало, се ослободувал хистамин, што предизвикувало отекување и уште поинтензивно црвенило.

Духови што одат

Интересно е што многу пожарникари по доаѓањето во болница накратко се чувствувале подобро. Тој феномен се нарекува фаза на „дух што оди“. Привременото подобрување всушност било уште еден знак дека примиле катастрофално висока доза на зрачење. Симптомите навидум се повлекувале, но внатрешните органи и коскената срцевина незапирливо пропаѓале. Бидејќи базалниот слој на кожата бил уништен, телото повеќе не можело да создава нови клетки. Кожата почнала да се одвојува, органите откажувале, а лекарите не можеле да направат ништо.



Колку луѓе умреа

Непосредно по експлозијата официјално е забележана смрт на 31 лице, вклучувајќи двајца работници во електраната и повеќе пожарникари. Обединетите нации проценуваат дека директно со катастрофата можат да се поврзат околу 50 смртни случаи. Но, вистинскиот број на жртви веројатно е значително поголем. Светската нуклеарна асоцијација наведува дека во текот на 1986 и 1987 година околу 200.000 луѓе учествувале во санацијата и чистењето. Сите биле изложени на зголемени дози на зрачење, во просек околу 100 милисиверти. Иако таквата доза не е нужно смртоносна при краткотрајна изложеност, значително го зголемува ризикот од развој на рак. ОН во 2005 година проценија дека поради последиците од радијацијата, околу 4.000 луѓе би можеле предвреме да умрат.

Природата се врати таму каде што човекот повеќе не живее

И покрај катастрофата, дивите животни во зоната денес напредуваат. Кафеавите мечки, лосовите, европските бизони и волците се вратија во голем број. Еволуцискиот биолог Герман Оризаола, кој од 2016 година ги проучува ефектите од радијацијата во Чернобил, за Би-би-си објасни дека клучната причина е токму отсуството на луѓето. Таму каде што човекот си замина, природата се врати. И тоа во импресивен обем.

Извор: klik
Фото: принтскрин/јутјуб