Сите стравуваат од поскапа храна, освен една европска држава
Инфлацијата на храната продолжува да ги притиска европските домаќинства, а очекувањата на потрошувачите за 2026 година откриваат длабока нервоза, особено во земјите каде што храната зафаќа голем дел од домашните буџети. Иако вкупната инфлација постепено се смирува, цените на намирниците и понатаму растат побрзо од општото ниво на цените, што го продлабочува чувството на економска несигурност на континентот.
Според податоците на „Евростат“, цените на храната и на безалкохолните пијалаци во ЕУ пораснале за 3,3 отсто, додека вкупната инфлација изнесувала 2,5 отсто. Европската централна банка проценува дека инфлацијата на храната постепено ќе се ублажува и ќе се стабилизира над 2 отсто до крајот на 2026 година.
Меѓутоа, расположението на потрошувачите кажува поинаква слика. Истражувањето на „ИНГ консјумер рисрч“ покажува дека 58 отсто од испитаниците во шест европски земји очекуваат дека цените на храната во наредните 12 месеци ќе растат побрзо. Во Романија тој удел достигнува 73 отсто, во Белгија 66, во Холандија 64, додека повеќе од половина од Германците исто така очекуваат нови поскапувања.
Европа е, очигледно, во состојба на претпазливост. Освен – една земја.
Шпанија - европски исклучок
Додека повеќето Европејци стравуваат од нови удари врз домашниот буџет, Шпанија покажува невообичаено високо ниво на економски оптимизам. Само 39 отсто од граѓаните очекуваат забрзување на растот на цените на храната – далеку помалку отколку во остатокот од ЕУ. Уште повпечатлив е податокот за куповната моќ: повеќе од половина од Шпанците веруваат дека 2026 година ќе им донесе подобар стандард, додека песимисти се едвај 18 отсто. Тоа е целосна спротивност на Германија и Белгија, каде што доминира загриженоста.
Зошто Шпанија не го чувствува притисокот
Првата причина е растот кој доаѓа однатре. Шпанската економија растеше со 2,8 отсто во 2025 година, речиси двојно побрзо од просекот на еврозоната. За разлика од Германија, која силно се потпира на индустрискиот извоз, Шпанија својот раст го гради врз силната домашна потрошувачка, туризмот и услугите, градежниот сектор и инвестициите поттикнати од ЕУ-фондовите. Таквата структура се покажа поотпорна на глобалното забавување и послабата побарувачка од Азија.
Втората причина се миграциите како мотор на економијата. Шпанија во последните години прими голем број работоспособни мигранти, што ја зголеми вработеноста, ја прошири даночната база и ја поттикна потрошувачката. Додека Германија и Италија се соочуваат со стареење на населението, Шпанија моментално го ублажува тој демографски притисок.
Третата причина е енергијата како конкурентска предност. Благодарение на силниот развој на обновливите извори, Шпанија е помалку изложена на енергетски шокови отколку многу други членки на ЕУ. Пониските трошоци за енергија привлекуваат инвестиции и го олеснуваат работењето на индустријата и услужниот сектор.
Четвртата причина е реформата на пазарот на труд. Реформата на работното законодавство го стабилизира вработувањето и го намали уделот на привремените договори. Резултат се рекордните нивоа на вработеност и растот на реалните плати – клучен фактор за оптимизмот на потрошувачите.
Европа под притисок
Додека Источна Европа и Балканот трпат двоен удар – повисока инфлација на храната и поголем удел на храната во домашниот буџет – Шпанија моментално користи комбинација од структурни реформи, миграциона динамика, енергетско позиционирање и силна домашна потрошувачка.
Тоа не значи дека е имуна на ризици. Јавниот долг останува висок, а зависноста од туризмот може да стане слабост во случај на глобално забавување. Сепак, во моментот кога поголемиот дел од Европа се подготвува за нова рунда поскапувања, Шпанија покажува дека економскиот циклус не мора на сите да им носи ист исход.
Фото: freepik