Вишокот информации ни го уништуваат одморот

Вишокот информации ни го уништуваат одморот

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска

„Нашите изуми ќе бидат прекрасни играчки кои ќе ни го одвлекуваат вниманието од важните работи. Имаме голема потреба да ги поврземе Мејн и Тексас преку телеграф, но дали тие имаат да си кажат нешто паметно“, вака размислувал славниот филозоф, натуралист, писател и поет Хенри Дејвид Торо, во 19 век

Два века подоцна „Фајненшaл тајмс“ во своите „Педесет идеи што ќе го променат светот“ се занимава со тоа како ќе се носиме со преоптоварувањата од дигиталниот свет. Нашето однесување се менува како резултат на пренатрупаноста со информации и од начините на комуникација, на работа и дома.

Една студија што ја спроведоа научниците од Универзитетот „Карнеги Мелон“ покажува дека попречувањето од вибрациите или ѕвонењето на телефонот им ги намалило когнитивните способности на испитаниците, кои морале да прочитаат мала статија, а потоа да одговорат на прашања.

Зависноста од паметните телефони и од социјалните мрежи исто така нè прави понервозни. Студија на компанијата „Dscout“ докажала дека просечен корисник на „Андроид“, својот телефон го погледнал и допрел 2.617 пати дневно. Многумина се загрижени поради проблемот со психичкото здравје кај децата, кои сè повеќе се зависни од социјалните мрежи, интернетот и игрите.

„Тоа е како да постои економија на вниманието што ги монетизира нашата концентрација и очите. Но кога тоа ќе го комбинирате со бизнис-модел со моќна технологија создадена да ви одговара на дланките на рацете кои истовремено и постојано се поврзани на интернет, потоа алгоритми чија крајна цел е што повеќе да ни ги окупираат вниманието и времето, а сето тоа е инвестиција вредна милијарди долари, тогаш знаете дека не станува збор за мал проблем“, вели Кал Њупорт, професор по компјутерски технологии на „Џорџтаун“ и автор на книгата „Deep Work: Rules for Focused Success in a Distracted World“.

Професорот Њупорт е загрижен за новите генерации затоа што смета дека младите луѓе страдаат од рапиден пад на можноста за концентрација и фокусираност. Голем дел од економијата и денешните професии се посветени на работа во која концентрацијата е примарен мотор за продукција на краен резултат, а концентрација имаме сè помалку.

Меѓутоа, освен што вишокот податоци нè спречуваат длабоко да се концентрираме, ни го уништуваат и одморот, што е исто така штетно.

„Што се однесува до невронауката, многу е интересно да се видат сè појасните врски помеѓу досадата и паметните идеи, и фантазијата. Кога ви е досадно, се занимавате со лесни домашни задачи, вашиот мозок автоматски се става во ’вообичаен режим на работа‘, при што се раѓаат најоригиналните мисли. На пример, две навидум неповрзани идеи ги спојуваме во нешто ново, се осврнуваме на својот живот, на добрите и на лошите нешта, размислуваме за тоа во која насока сакаме да се движиме наместо по милион пати да проверуваме е-пошта или да гледаме во социјалните мрежи“, вели Мануш Зомороди, автор на книгата „Bored and Brilliant“.

Компаниите се свесни дека на сите мозокот ни функционира исто и своите производи ги прават така што што посилно и што побрзо да ни развиваат зависност. Една компанија за развој на игри чии клиенти се „Дизни“ и „Гугл“ не случајно се именува „Допамин“ според истоимениот невротрансмитер во мозокот. Против тоа се побунуваат и некои великани од оваа струка, како Шон Паркер од „Фејсбук“, потоа некогашниот „етичар“ во „Гугл“, Тристан Херис, кого го нарекуваат „совеста на Силиконската долина“.

Сепак, надежта не е изгубена. Корисници, па и инвеститори, сè повеќе посветуваат внимание на овој проблем. „Фејсбук“ објавил студија која потврдува дека корисниците се чувствуваат лошо по „пасивно“ консумирање на социјалните мрежи. Кога активно ги користат мрежите – споделуваат, коментираат, активно читаат – тогаш се чувствуваат подобро.

Постојат многу начини на кои луѓето се обидуваат да ја намалат преоптовареноста – со интернет-блокатори, допишување во големи групи наместо поединечни пораки, филтрирање на пораките и сл. Споменатиот професор Њупорт вели дека нему и понатаму најдраго оружје му е обичниот бележник и додава дека тродимензионалното размислување ги обликува мислите.

„Кога на парче хартија ќе ги забележам своите обврски, знам дека сум ограничен со време, додека безделните дигитални помагала не ми оставаат таков впечаток“, вели Њупорт. Исто така, научно е докажано дека пишувањето на хартија ги „вклучува“ и ги покренува деловите од мозокот што го процесираат јазикот и овозможуваат концентрација и внимателно читање.