Шоферите на училишните автобуси во Америка приредија изненадување за матурантите

Шоферите на училишните автобуси во Америка приредија изненадување за матурантите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Од појавата на коронавирусот и почетокот на пандемијата, земјите низ светот откажаа илјадници настани, концерти, но и церемонии за дипломирање.

Токму поради неможноста матурантите да го прослават крајот на нивните средношколски денови, посветени автобуски шофери од Охајо сакаа да им надоместат барем дел од изгубената церемонија.

Во искрен поздрав и оддавање чест, одделот за транспорт на средното училиште „Ловленд“ организирал 22 автобуси да испишат 2020 токму со автобусите.

Џим Барет, професор по ликовно и фотографија во училиштето, потоа со дрон направил снимки од возачите и настанот.

Училиштето подоцна го објави видеото на социјалните медиуми како знак за оддавање почит на 392 матуранти, кои возачите ги познаваат уште од мали.

- Некои од нас ги возат овие деца уште од градинка, а некои работат само неколку години. Но, заедничко ни е што сите ги сакаме овие ученици. Ова е огромно достигнување и на било кој начин на кој ќе можеме да им покажеме љубов, тоа ќе го направиме - изјави шоферката Џенифер Блум Боуман.

- Љубовта кон нашите ученици е безусловна и секој од нив има посебно место во нашите срца. Секоја приказна, секоја прегратка, секоја смеа и секоја солза со нив се спомени, а понекогаш и лекции. За децата од минатото, сегашноста и иднината, ова е за вас! - рече шоферката Мишел Винтер.



Извор: Good News Network