Луѓето сакаат да си помагаат едни на други без оглед на мотивацијата

Луѓето сакаат да си помагаат едни на други без оглед на мотивацијата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето сакаат да си помагаат едни на други дури и тогаш кога тоа ги чини нешто, дури и тогаш кога мотивацијата за помош не се усогласува, покажува ново истражување.

Во истражувањето објавено во списанието „Сајнс адвансес“ социолозите откриле дека луѓето избрале да бидат дарежливи кон другите - дури и кон непознати.

Ова е прво истражување што испитува како сите утврдени мотиви да се биде дарежлив комуницираат едни со други.

- Сакавме да направиме детално истражување за да видиме какви ќе бидат ефектите од тие мотивации кога се комбинирани - бидејќи се комбинирани во реалниот свет, каде што луѓето прават избор за тоа колку дарежливи или љубезни ќе бидат едни кон други - вели Дејвид Меламед, водечки автор на истражувањето и вонреден професор по социологија на Државниот универзитет во Охајо.

Истражувањето вклучило повеќе од 700 луѓе и било дизајнирано да им помогне на истражувачите да го разберат просоцијалното однесување.

- Тоа значи правење нешто за некој дури и по ваша цена. На пример, да го платите кафето за личноста зад вас. Или, на пример, сега да носите маска на јавно место. Тоа е цената што ја плаќате; за вас е неудобно. Но, придонесувате за доброто на јавноста со тоа што ја носите и не го ширите вирусот - вели Меламед.

добро дело
Фото: Pixabay

Научниците претходно утврдија дека четири мотиватори влијаат врз луѓето да се однесуваат на начин што им користи на другите.

1: Примателот на љубезност е склон да направи нешто за возврат за оној што бил љубезен со него. 2: Личноста е мотивирана да направи нешто убаво за некој што го видела дека е дарежлив кон друга личност. 3: Лицето веројатно ќе направи добро дело во присуство на други луѓе од неговата мрежа кои можеби ќе ја наградат неговата дарежливост. 4: Личноста ќе врати ако некој друг направи нешто убаво за неа.

Овие четири мотиватори биле проучувани изолирани еден од друг, а некои биле проучувани како пар - но до овој експеримент научниците не спровеле сеопфатно истражување за тоа како четирите мотиватори може да влијаат едни врз други во реалниот свет, каде што мотивацијата да бидеш добар кон другите може да биде под влијание од повеќе фактори.

- Во реалниот свет условите под кои луѓето се добри едни кон други не се изолирани - луѓето се дел од нивните мрежи и тие си ги живеат животите и доаѓаат во контакт со работи што влијаат врз нивните одлуки. И овие експерименти покажуваат дека сите мотивации функционираат - вели Меламед.

За ова истражување, кое било спроведено преку интернет, учесниците морале да одлучат каков подарок ќе им дадат на другите луѓе. Поените имале парична вредност за учесниците; давањето ги чинело нешто.

Потоа истражувачите создале различни сценарија во кои комбинирале еден или сите четири потенцијални мотиватори.

Меламед вели дека пред експериментот мислел дека мотивациите за љубезност може да се исфрлат една со друга.

- Откривме дека сите мотиватори се појавуваат како предвидувачи за тоа колку човек е подготвен да му даде нешто на другиот, без оглед на тоа како се комбинираат различните мотиватори - вели Маламед.

Ова истражување ни помага да ги разбереме квантитетот и разновидноста на просоцијалното однесување што го гледаме кај луѓето, вели Меламед.

Извор: Good News Network