Како ТМФ ги мотивира Даниела, Тамара и Ива да ја добијат престижната награда „Инженерски прстен“

Како ТМФ ги мотивира Даниела, Тамара и Ива да ја добијат престижната награда „Инженерски прстен“

Студиската програма Инженерство на материјали и нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет им ги нуди сите можности на студентите да се запознаат со светот на материјалите базирајќи се на тетрадата синтеза – структура – својства – примена

Брзиот и интензивен начин на живот е условен од развојот на техниката и технологијата, а во овој сегмент водечка улога имаат материјалите, поточно новите современи материјали со однапред дефинирани својства. Сведоци сме на брзиот развој на компјутерската технологија, развој на дијагностиката во медицината, автомобили со комплетно нови карактеристики, иновативни материјали во градежништвото, но сѐ е последица на развојот на материјалите. Денес, со право може да се рече дека живееме во ера на материјали. Ако ги споредиме материјалите што биле на располагање во времето на проф. Џејмс Стјуарт (James Stuart), кој бил првиот професор по инженерство на Универзитетот во Кембриџ во период од 1875 до 1890 год., може да се констатира дека инженерите имале на располагање само неколку стотици материјали. Денес на инженерите им се на располагање повеќе од 160.000 видови материјали, повеќе од 45.000 синтетички полимери, илјадници лесни легури и голем број композитни материјали со високи перформанси. Развојот на материјалите е особено изразен во последните 100 години и претставува потенцијално поле на иновации за енергетската ефикасност, заштита на животната средина...



Металите, керамиката, полимерите, композитите, специјалната група на биоматеријали и електроматеријали се материјалите што придонесуваат во сите сфери од нашето секојдневно живеење.

Студиската програма Инженерство на материјали и нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им ги нуди сите можности на студентите да се запознаат со светот на материјалите базирајќи се на тетрадата синтеза – структура – својства – примена. Така, во текот на студиите се изучува како да се синтетизираат микро и наносистеми, каква е структурата на материјалите и како таа влијае врз крајните особини, а оттука и врз примената. Денес, од особена важност е како да се добијат материјали со однапред дефинирани својства согласно одредени барања. Во овој сегмент може да споменеме добивање на различни видови сензори, самочистечки стакла, биоразградливи полимери... кои се само мал дел од материјалите што претставуваат предмет од интерес.

Во текот на студиите студентите освен предавањата, пресметковните и лабораториските вежби, имаат можност да работат на меѓународни проекти, да учествуваат на домашни и меѓународни студентски конгреси, работилници, натпревари, да реализираат стручни пракси во компании во нашата држава, но и да бидат меѓународно активни преку студентските организации ИАЕСТЕ; БЕСТ... Стекнатото знаење и искуство на студентите за материјалите претставува основа дипломираните инженери на оваа студиска програма да продолжат да ја градат својата кариера во многу различни области и компании.

Даниела Иванова: Отскочна штица во мојата кариера


- Од оваа гледна точка, без сомнеж можам да кажам дека додипломските студии по инженерство на материјали и нанотехнологии се отскочна штица за мојата кариера. Амбицијата и интересот кон природните науки како хемија, физика и математика, и нивната заедничка примена во инженерството ме примамија да се запишам токму на оваа насока. Во текот на студирањето, стекнувањето знаење и вештини беше при изучување на предметите во областа на метали, керамика, полимери и композити, како и наноматеријали, заедно со нивното процесирање и обработка, структура, карактеристики, карактеризација и перформанси. Од студиите на ТМФ најмногу ми се допадна фактот дека има одлична комуникација меѓу студентите и професорите. Токму овој начин овозможува подобро совладување на материјата и поопуштена атмосфера за работа.


Даниела Иванова



Најпозитивна работа при студирањето на ТМФ е изучувањето на науката преку практична настава, односно чести лабораториски вежби. Условите за практична настава релативно соодветствуваат на потребите на факултетот, но сепак има простор за подобрување. Би го истакнала фактот дека факултетот континуирано одржува добра соработка со компаниите во Република Македонија. Мојата прва летна стручна пракса ја реализирав во ДПТУ „Хемија Комерц“ ДООЕЛ Трајче, Велес, каде што директно се запознав и истражував во областа на керамиката, конкретно за методот на шликерно одливање како метод за формирање керамички маси. Друга предност при студирање на ТМФ е и можноста на студентите да учествуваат на државни и меѓународни конгреси и настани. Студентскиот конгрес по чиста и примената хемија на СХТМ во Скопје и Меѓународниот конгрес на студентите на технологија „Јас сум технолог на иднината“ во Нови Сад, Србија, се едни од конгресите каде што го презентирав научниот труд на тема „Механичка активација на наноалумина“. Исто така, со дел од научноистражувачката работа учествував на саемот ТЕХНОМА 2015 во делот на млади истражувачи во Скопје. Како продолжение на научниот труд беше темата на мојата дипломска работа, која ја изработував во Цементарница Усје. Дипломирав со просек 10,00 и како признание за целиот вложен труд и постигнат успех го добив признанието „Инженерски прстен“ од претседателот на Р. Македонија, како и признанието за постигнат најдобар успех во студирањето од ректорот на УКИМ.

Кога гледаш дека трудот и работата се препознаени и наградени, желбата за понатамошно професионално усовршување е уште поголема. Водена од оваа мисла и со веќе богато CV, аплицирав и бев примена на 11 универзитети, во Германија, Англија, Шпанија. Се одлучив за магистерските студии по Materials Science and Simulation во Бохум, Германија, каде што освен како инженер и научник по материјали, се занимавам и со симулација која вклучува програмирање. Развивањето нови методи за симулација и виртуелно моделирање на материјалите е иднината при редуцирање на трошоците и времето за развој на нови материјали. По неодамнешното магистрирање, афинитетот за научноистражувачката дејност во областа на материјалите ме понесе да го продолжам образовниот процес кон повисок научен степен, т.е. докторски студии во еден од најголемите истражувачки центри во Европа: истражувачкиот центар во Јилих, Германија. Донесувајќи ја оваа одлука, знам дека со сигурност ќе се соочам со ново искуство кое ќе ми покаже уште еднаш дека животот е една листа со желби за кои ако се осмелиш, се претвораат во животни цели. Една оформена цел е половина успех.

Тамара Георгиевска: Хетерогено градење на исклучителен инженер-технолог

Во текот на четиригодишните додипломски студии имав можност да реализирам научноистражувачка работа со неколку видови материјали: керамички материјали и композити, нано-биополимерни композити и јаглеродни наноматеријали под водство на амбициозни и иновативни професори. Самоосознавањето како еден млад научник-студент почнав да го остварувам со учество на национални, регионални и интернационални студентски-научни конгреси низ студиските години. Работата со наука за материјали во областа структура и својства на материјали ја комплетирав со дипломскиот труд на хибридна тема од сферата на инженерство и фармацевтска технологија во рамките на MC-RISE VAHVISTUS project.

Тамара Георгиевска

Стекнатите компетенции со студирање на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии имав можност да ги надградам со професионална пракса во водечка компанија за медицински текстил Karl Otto Braun GmbH & Co. KG, Германија, која ми беше овозможена преку програмата Internship Programme of German Business for the countries of the Western Balkans. Ова беше животно искуство кое резултира со интернационално вмрежување и генерирање концепти „надвор од кутијата“, едни од клучните карактеристики за успешна научноистражувачка дејност во денешницата.
Набрзо по моето дипломирање силниот ентузијазам да негувам мултидисциплинарни предизвици и научни пристапи го обедини водечката македонска и шесторангирана фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа – „Алкалоид“. Моментално сум дел од одделот технички операции, кој интензивно работи на сегментите валидација и оптимизација на фармацевтски производни процеси и поддршка на фармацевтски производи низ животниот циклус.

Вложениот труд во студирање, постигнатите успеси и посветеноста беа препознаени во 2019 година со престижното признание „Инженерски прстен“, што претставуваше катализатор за моите едукативни и научни скалила. Последователно, моите магистерски студии димензионирани во областа на фармацевтско инженерство ги продолжив на насоката дизајн и менаџмент на технолошки процеси при ТМФ во симбиоза со Институтот за истражување и развој на „Алкалоид“. Студирањето на насоката инженерство на материјали и наноматеријали е испреплетено со предизвици. Претставува хетероген пристап кон градење на еден исклучителен инженер-технолог со можност за практично искуство во текот на академските години.

Ива Димитриевска: Темелна подготовка на идните инженери за работа во различни индустрии

Студиската програма Инженерство на материјали и нанотехнологии е интердисциплинарна, чиј фокус е насочен кон темелна подготовка на идните инженери за работа во различни индустрии. Студирањето на оваа насока ми овозможи да го истражам светот на материјалите на молекуларно ниво, како и нивниот потенцијал во бесконечната низа на апликации. Теоретското знаење со кое се стекнав за време на додипломското образование го поткрепив со практично искуство како дел од најуспешните компании во нашата земја: Цементарница Титан, Џонсон Мети и Алкалоид. Праксите што ги реализирав беа сосема различни, односно имав можност да се запознаам со работата во секторите за контрола на квалитет, алати и производно инженерство, како и Институтот за истражување и развој, во три сосема различни индустрии. Овие пракси ми помогнаа да го трасирам својот кариерен пат кон индустријата во која најмногу се пронаоѓам – фармацијата, па така денес работам како дел од научна поддршка, оддел во Институтот за истражување и развој во „Алкалоид“.


Ива Димитриевска

Во текот на студирањето бев активно вклучена во научноистражувачка работа на неколку билатерални проекти. Работев на модификација на сензорски електроди и нивна примена како гасни сензори – проект со Montanuniversität Leoben од Леобен, Австрија, како и примена на јонизирачки зрачења при синтетизирање на нанокомпозитни носачи на лекови наменети за антиканцерогена терапија – проект НАНО ИРАНЕТ финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) од Виена. Учествував на 13. Студентски конгрес на Сојузот на хемичари и технолози, каде што ги презентирав истражувањата од мојата дипломска работа „Гасни сензори базирани на комерцијални SPE модифицирани со полимер/јаглеродни наноструктури“.

Додипломските студии ги завршив како добитник на најпрестижната инженерска награда „Инженерски прстен“ за 2020 година. „Инженерскиот прстен“ како највисоко достигнување во областа на инженерството претставува круна на додипломското образование и валидација на сиот вложен труд во студирањето. Ова признание претставува рефлексија на посветеноста, амбициозноста и љубовта кон професијата, како и фокусот кон реализација на поставените цели на професионален план.

Текстот го подготви тимот на Технолошко-металуршкиот факултет