Наставниците по странски јазици незадоволни од скратените програми во основно и во средно

Наставниците по странски јазици незадоволни од скратените програми во основно и во средно

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Очекував, со оглед на ситуацијата, да има некакво содржинско, а не само временско кратење на наставните програми. Кај германскиот јазик, на пример, во 8. и 9. одделение наставната програма е обемна, вели наставникот по германски јазик, Стефан Симовски од Скопје

Наставници што предаваат странски јазици во основните и во средните училишта деновиве реагираат дека не добиле скратени програми за работа во новата учебна година. Бирото за развој на образованието во изминатиот период изготви скратени наставни програми за сите предмети во основно и во средно образование.

- Во наставните програми по германски јазик, верувале или не, ништо не е скратено, освен времето за нивната реализација - вели наставник по овој предмет. Наставници реагираат дека залудно чекале толку долго насоки кога не добиле ништо ново.

Стефан Симовски

Наставникот Стефан Симовски предава германски јазик во Основното училиште „Лазо Трповски“ во Скопје. Тој објаснува дека се скратени вкупно осум часа од 72-те часа што треба да се реализираат во учебната 2020/2021 година.

- Тоа е во ред и беше очекувано. Меѓутоа, спорно е тоа што ниедна граматичка, ни лексичка содржина не е извадена од програмите, исти се како и претходните што го содржеа целиот фонд од 72 часа. Очекував, со оглед на ситуацијата, да има некакво содржинско, а не само временско кратење на наставните програми. Кај германскиот јазик, на пример, во 8. и 9. одделение наставната програма е обемна. Затоа очекував дека барем во програмата за овие одделенија ќе има поголеми интервенции во однос на содржината. Мора да го имаме предвид и тоа дека часот оваа учебна година ќе трае 30 минути - вели Симовски. 


Наставникот ќе има слобода самиот да го организира времето што ќе го посвети за одредена тематска единица, велат од Бирото за развој на образованието. 

- Со оглед на тоа што во странските јазици јазичните вештини и јазичните компоненти се изучуваат интегрирано, во скратените наставни програми му се остава слободен простор на наставникот самиот да го организира времето што ќе го посвети на дадена тема/подрачје и самиот да одлучи во кој дел ќе направи редукција на содржините, а каде ќе се задржи повеќе часа на дадена содржина - велат од БРО.

Оттаму додаваат: 
- Со цел подобра ориентација во скратените наставни програми, дадени се дидактички препораки кои на наставникот ќе му послужат на што да обрне внимание при реализацијата на наставните програми. Истото се однесува и на програмите за основно и за средно образование.