Добре Угренов, прв Македонец општински секретар во Швајцарија: „Успешна администрација е онаа во која граѓаните добиваат правична услуга“

Добре Угренов, прв Македонец општински секретар во Швајцарија: „Успешна администрација е онаа во која граѓаните добиваат правична услуга“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Добре Угренов е првиот Македонец роден во Швајцарија што е избран за раководител на општинска администрација таму. На 32 години тој е избран од Општинскиот совет на Сиглисторф, во кантонот Аргау, и денес ја раководи општинската администрација. Во оваа функција е одговорен за организацијата и функционирањето на администрацијата, раководењето со вработените, координацијата на административните процеси и тесната соработка со Општинскиот совет, односно тој претставува врска помеѓу граѓаните и општинските власти.

Во разговор за Факултети.мк раскажа како стигнал до функцијата и кои биле најважните одлуки и предизвици да прифати една таква одговорна работа. Интересот за политика, но и желбата да им помага на луѓето го поттикнале да се кандидира за оваа значајна функција и е еден од најмладите што ја извршуваат.

- Кога ќе погледнам наназад, можам да кажам дека мојот пат не беше однапред испланиран. Секогаш се трудев совесно да ја работам својата работа, да научам нешто ново и да не се плашам од нови предизвици. Благодарен сум за можностите што ми се укажаа и за луѓето што ми ја дадоа својата доверба. Во политиката и јавната администрација, како и во животот, признанието не се мери само со изборот на одредена функција, туку со довербата што ќе успеете да ја оправдате и со резултатите што ќе ги постигнете - вели Угренов.

Тој смета дека комбинацијата од образование, професионално искуство и раководни способности била пресудна да добие една таква важна функција.

- Знаењето ви ги отвора вратите, но карактерот и начинот на кој раководите со луѓето одлучуваат колку долго тие врати ќе останат отворени. За мене, лидерството не се темели само на титули и дипломи, туку и на интегритет, одлучност, способност да се слушне другото мислење и храброст да се преземе одговорност - вели тој.

Угренов има македонски корени, односно неговите родители пред повеќе од 30 години ја напуштиле Македонија во потрага по подобар живот.

- Моето македонско потекло и семејното воспитување имаат големо влијание врз човекот и професионалецот што сум денес, и тоа како во позитивна така и во негативна смисла. Од моите македонски корени произлегува и мојот интерес за историјата, идентитетот и потрагата по вистината. Уште од млад сакав да истражувам, да поставувам прашања и да ги разберам причините зад одредени настани. Особено македонската историја, со својата сложеност и различните толкувања, ме поттикна да размислувам критички и да не ги прифаќам работите здраво за готово. Верувам дека токму таа љубопитност и потребата да навлезам во суштината на работите придонесоа за мојот интелектуален развој. Денес тие особини ми користат и професионално, особено при толкувањето закони, анализирањето сложени административни прашања и донесувањето одговорни одлуки - истакнува тој.



Добре открива дека имал детство обележано и со одредени тешки искуства за кои не е секогаш едноставно да се зборува.

- Растењето во средина во која строгоста, стравот и авторитетот понекогаш имаат поголема тежина од разбирањето и отворениот разговор може длабоко да влијае врз детскиот поглед на светот. Особено врз претставата за тоа што значи да се биде силен, да се биде маж и да се има авторитет. Ми требаа години, многу образование, искуство и свесна работа на себе за да разберам дека вистинската сила не се состои во доминација, непопустливост или потреба секогаш да бидеш во право. Напротив, таа се покажува преку смиреност, самоконтрола, отвореност и почит кон другите. Морав да научам дека не секое несогласување претставува напад, дека не секој човек има лоши намери и дека авторитетот не мора да се докажува преку страв. Тоа сознание суштински го промени и мојот пристап кон луѓето и начинот на кој раководам. Горд сум на своето македонско потекло, но сметам дека љубовта кон сопствените корени подразбира и способност критички да го преиспитаме она што сме го наследиле. Но, научив дека вистинскиот личен развој започнува кога ќе престанеме да ги оправдуваме сопствените слабости со минатото и ќе преземеме одговорност за нашата иднина. Можеби најважната лекција што ја научив е дека воспитувањето силно влијае врз тоа кои стануваме, но не мора да одлучува какви ќе останеме - сподели Угренов.

Тој вели дека најголемиот предизвик во раководењето со една швајцарска општинска администрација е да се најде вистинската рамнотежа меѓу законите, политичките одлуки, расположливите ресурси и потребите на граѓаните. Во теорија, многу работи изгледаат едноставно, но во практика речиси секоја одлука има правна, финансиска и човечка димензија.

- Како општински секретар и раководител на администрацијата, се наоѓам на пресекот меѓу политиката и оперативното функционирање на општината. Политичките органи ги носат одлуките во рамките на своите надлежности, а мојата задача е да обезбедам стручна поддршка, законитост, добра организација и нивно ефикасно спроведување. Тоа бара не само познавање на законите, туку и политичка чувствителност, дипломатски пристап и способност да се препознаат последиците од одредена одлука. Мојот работен ден ретко изгледа онака како што сум го испланирал. Може да започне со организациски прашања и координација со вработените, да продолжи со анализа на законски одредби, подготовка на предлози за општинскиот совет или разговори со граѓани, а да заврши со решавање непредвиден проблем што бара брза, но внимателно проценета реакција. Токму таа разновидност ја прави работата интересна. Посебен предизвик е раководењето со луѓе - раскажува нашинецот од Швајцарија.

Угренов верува дека добра администрација не се создава само со правила и процедури, туку со компетентни, мотивирани вработени кои ја разбираат својата одговорност.

- Како раководител, моја задача е да создадам услови во кои тие можат квалитетно да ја извршуваат својата работа, но и да преземам одговорност кога ситуацијата го бара тоа. Најголемата одговорност, сепак, е довербата на јавноста. Во јавната администрација не управуваме со сопствена компанија, туку со институција што им припаѓа на граѓаните. Затоа секоја одлука мора да биде законска, оправдана и донесена во јавен интерес. За мене, успешна администрација не е онаа во која раководителот е највидлив, туку онаа во која системот функционира, вработените знаат што се очекува од нив, а граѓаните добиваат професионална и правична услуга - потенцира тој.

На младите со македонски корени што живеат и работат таму тој им порача да не си поставуваат граници уште пред да се обидат.

- Потеклото е дел од нашиот идентитет, но не треба да биде ниту изговор за неуспех ниту гаранција за успех. Швајцарија нуди многу можности, но тие бараат знаење, дисциплина, упорност и подготвеност да се преземе одговорност. Особено во јавните институции, каде што довербата, професионалноста и интегритетот имаат големо значење. Не е доволно само да имате амбиција. Треба постојано да инвестирате во своето образование, да го разбирате општеството во кое живеете и да бидете подготвени да излезете од сопствената комфор-зона.
Исто така, би ги охрабрил да не се затвораат исклучиво во круговите од кои потекнуваат. Негувајте ги македонскиот јазик, културата и традицијата, но истовремено градете пријателства, професионални контакти и доверба и надвор од македонската заедница. Интеграцијата не значи откажување од сопствениот идентитет, туку способност активно да придонесувате во општеството чиј дел сте - порача Добре.

Тој е горд што може да каже дека изградил сопствена компанија за обезбедување и препознатливо име во швајцарскиот сектор за безбедност, дека релативно млад стекнал финансиска независност, завршил два магистерски студиуми и собрал драгоцени искуства во различни професионални области.

- Една од најважните одлуки беше да се откажам од професионална позиција во која бев успешен и финансиски независен и повторно да започнам од почеток, затоа што интелектуалниот и личниот развој ми станаа поважни од дополнителниот материјален успех. Денес верувам дека вистинската слобода е кога не мора постојано да се докажувате пред другите и кога можете да носите одлуки во согласност со сопствените вредности, а не со очекувањата на околината - рече Добре.



Ако го прашате за Македонија, ќе добиете многу поедноставен и многу поемотивен одговор. За него, Македонија значи исклучително многу.

- Кога ќе го слушнам македонскиот јазик, кога ќе зазвучи македонска песна или кога ќе стапнам на македонска земја, едноставно се чувствувам како дома. Тоа е чувство што тешко се објаснува со зборови. Верувам дека многумина што живеат надвор од Македонија точно знаат за што зборувам. Понекогаш е доволен само еден познат збор, мелодија или разговор на македонски за во мене да се разбуди тоа чувство на блискост и припадност. Има моменти кога ќе слушнам македонска песна и посакувам покрај мене да има некој со кого ќе можам да ја запеам или едноставно да поразговарам на нашиот јазик. Швајцарија е мојот дом, земјата во која го изградив својот живот и на која сум ѝ искрено благодарен за можностите што ми ги дала. Но, Македонија е исто така мој дом, на еден поинаков, длабоко личен начин. И можеби токму тоа е најубавото во мојот живот денес: не чувствувам потреба да избирам меѓу тие два света. И двата се дел од мене, и во двата се чувствувам свој - открива дел од своите подлабоки емоции нашиот соговорник.

Во моментов Добре Угренов не чувствува потреба да си постави нови цели, туку поважно му е работата што ја извршува да има смисла, да продолжи да се развива и да биде корисен таму каде што може да придонесе.

- Но, ако зборуваме за една поголема, долгорочна желба, тогаш тоа би било еден ден, заедно со способни, чесни и посветени луѓе, да придонесам за развојот на Македонија. Би сакал да ја видам Македонија како земја која самоуверено го гради својот пат, со достоинство, со почитување на сопствениот идентитет, историја и национални симболи, и со меѓународно признание што го посакуваат нејзините граѓани. Но, пред сè, како земја во која луѓето повторно ќе веруваат дека со сопствениот труд можат да изградат подобра иднина.
Особено би сакал да видам промена во општествената свест, повеќе иницијативи, меѓусебна доверба и чувство на заедничка одговорност за земјата. Македонија да стане место каде што младите ќе гледаат перспектива, каде што нашите луѓе од дијаспората ќе сакаат да инвестираат, а луѓето од целиот свет ќе доаѓаат не само како туристи, туку и за да живеат, работат и создаваат.
Зошто еден ден Македонија да не биде привлечна како Шпанија, со препознатлива култура, развиен туризам, динамична економија и висок квалитет на живот? Не мислам дека треба да копираме други земји, туку да научиме од нив и да ги искористиме сопствените предности - вели Добре.

Фото: приватна архива