Персонализирана вакцина против рак покажа одлични резултати: го намалува ризикот од враќање на меланомот за 42 отсто

Персонализирана вакцина против рак покажа одлични резултати: го намалува ризикот од враќање на меланомот за 42 отсто

Изминаа 20 години откако австралиските истражувачи ја развија првата вакцина во светот наменета за спречување рак. Благодарение на вакцината против ХПВ, Австралија е на пат да стане една од првите земји во светот што ќе го елиминира ракот на грлото на матката.

Истражување предводено од австралиски научници донесе уште еден значаен напредок, овој пат во борбата против ракот на кожата.

Персонализирана вакцина против рак, базирана на иРНК-технологија, постигна позитивни резултати во клиничко испитување од третата фаза. Во комбинација со стандардната имунотерапија, вакцината го намалила ризикот од повторна појава на меланом или смрт за 42 отсто во споредба со имунотерапијата што се применува самостојно.

Резултатите се дури и подобри од очекувањата на научниците.

Џорџина Лонг, онколог и главен истражувач во меѓународното испитување од Институтот за меланом во Австралија, ги претстави наодите на Конгресот на Европското здружение за медицинска онкологија во 2026 година.

Резултатите треба да бидат објавени во угледното медицинско списание „Њу Ингланд џурнал оф медисин“.

- Овие наоди претставуваат суштинска промена во пристапот кон ракот: го користиме имунолошкиот систем на поинаков, персонализиран начин за да го намалиме ризикот од повторна појава на меланом или смрт. Ова досега не е постигнато во историјата на развојот на лекови против рак - вели Лонг.

Роберт Вондерхајде, онколог и претседател на Американското здружение за истражување на ракот, кој не учествувал во испитувањето, за „Њујорк тајмс“ изјавил дека резултатите се споредливи со најголемите научни достигнувања на научниците.

Како функционира вакцината?

Вакцината е развиена од фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“. Таа е наменета да го намали ризикот од повторна појава на меланом по хируршкото отстранување на туморот.

Најпрво, истражувачите го анализираат генетскиот материјал на туморот на секој пациент. Потоа ги утврдуваат неговите специфични карактеристики, односно што ги разликува клетките на туморот од здравите клетки во телото.

Врз основа на овие информации се создава персонализирана вакцина што му помага на имунолошкиот систем да ги препознае клетките на ракот и да ги нападне.

 

- Вакцината содржи иРНК-инструкции што им овозможуваат на клетките во телото да му ги претстават овие специфични карактеристики на имунолошкиот систем. Така, тој добива јасни насоки што треба да препознае и да нападне - објаснува Лонг.

Вакцината се применува во комбинација со постојна имунотерапија, односно лекот „кјтруда“ (пембролизумаб).

- Ракот може да го измами имунолошкиот систем, создавајќи впечаток дека клетките на туморот се нормални. На тој начин го спречува имунолошкиот систем да ги нападне - објаснува Лонг.

Лекот „кјтруда“ го блокира механизмот со кој туморот го потиснува имунолошкиот одговор, овозможувајќи им на имунолошките клетки да го препознаат и нападнат ракот. Сепак, истиот лек се применува кај различни пациенти, додека вакцината е приспособена на карактеристиките на туморот на секој поединец.

Токму ова персонализирање на третманот, во комбинација со пембролизумаб, се чини дека ги подобрува резултатите од лекувањето.

Во клиничкото испитување од третата фаза учествувале повеќе од 1.100 пациенти на 157 локации низ светот. Резултатите ги потврдуваат охрабрувачките наоди од испитувањето од втората фаза, објавени во 2024 година.

Кај пациентите кај кои немало знаци на рак шест месеци по почетокот на третманот, ризикот од повторна појава на меланом или смрт бил намален за 58 отсто во споредба со пациентите што примале само пембролизумаб.

Вакцината сè уште не е достапна за пациентите во Австралија и во САД, но резултатите се дел од постапката за регулаторно одобрување. До евентуалното одобрување и достапноста за пациентите може да поминат неколку години, зависно од земјата.

Потенцијалот на иРНК-технологијата, сепак, не е ограничен само на ракот на кожата.

- Успешните резултати кај меланомот би можеле да го означат почетокот на суштинска промена во начинот на кој го лекуваме ракот, овозможувајќи им на пациентите подолго да останат без болеста - вели Лонг.

Алекс Мензис, медицински онколог во Институтот за меланом во Австралија, смета дека персонализираните вакцини би можеле да помогнат и во лекувањето на други видови рак кај кои постојните имунотерапии имаат ограничена ефикасност.

Иако неколку испитувања на иРНК-вакцини против други видови рак досега не покажале намалување на ризикот од повторна појава на болеста, резултатите кај меланомот отвораат нови можности.

Извор: Science Alert
Фото: Magnific