Пробувајќи енергетски пијалаци, станал колекционер на лименки. Колку вреди колекцијата на Кристијан од Скопје?

Пробувајќи енергетски пијалаци, станал колекционер на лименки. Колку вреди колекцијата на Кристијан од Скопје?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кристијан Василески е магистер по геодезија, но има една невообичаена пасија – собирање лименки од познатиот енергетски пијалак „Monster“. Можеби тоа не изгледа толку тешко или невообичаено, но кога ќе слушнете колку време му било потребно за да ги собере речиси 100. лименки што сега ги поседува, од каде ги купувал, колку го чинеле и за колку пари може да ги продаде, веројатно ќе го смените мислењето.

Кристијан почнал да ги собира лименките на 17-годишна возраст, кога овие енергетски пијалаци уште ги немаше во нашата земја.

-„Monster Energy Drink“ како енергетски пијалак го запознав во 2011 година, кога мој другар донесе „да пробаме“ три вкуса од Банско и случајно или не, тој си ги зачува лименките. По одреден период веќе не ги сакаше и ме праша дали сакам да ги собирам, па си реков ајде, што има врска. Така почнав - со три лименки - раскажува Кристијан за почетоците на неговата пасија.

Првиот член на колекцијата на Кристијан

Веќе при следното одење надвор од Македонија тој налетал на уште неколку енергетски пијалаци од истиот бренд, кои ги немал пробано, па решил да ги купи и да ја зголеми колекцијата.

- До 2015 година, заклучно со апсолвентската екскурзија, имав околу 15 лименки од Европа. Потоа еден другар што беше на Work and Travel во Америка ми донесе две и сфатив дека има многу повеќе отколку што првично мислев - вели Кристијан.

Но, бидејќи физичкото купување не е секогаш возможно, Кристијан се свртел кон интернет-купувањето и решил да порача лименки од „Ибеј“ за да види како оди процедурата, дали стигнуваат полни или не, дали се оштетени или не. Нарачал и лименката стасала во супер состојба, па потоа продолжил да нарачува.

Но, она што сите ги интересира се цените. Како и во секое колекционерство, така и во ова, цената на една лименка зависи од реткоста.

- Цените варираат во зависност од тоа колку е ретка лименката, т.е. колку е тешко да се најде. Има многу лименки што не се произведуваат повеќе, па колекционери од целиот свет знаат да купат многу повеќе за подоцна да ги продаваат за многу повисоки цени. Обичните полни лименки што се достапни во Америка може да се најдат по цена од 5-6 долари без испорака, додека лименките што се „discontinued“, односно веќе не се произведуваат, се од 30-40 долари, па сè до 200-400 долари. Додека, пак, празните лименки може да се најдат и за половина од оваа сума. Конкретно јас, најскапата лименка што сум ја купил била полна „Monster Killer B“ и за неа платив 70 долари - раскажува младиот колекционер.

Најскапата лименка во колекцијата

Како и секој колекционер, така и Кристијан е максимално внесен во хобито. Тој има специјално направена полица за неговата колекција од речиси 100 лименки, секако, со место планирано и за нови „членови“. Ни објасни дека лименките ги собира по вкус и на крајот веројатно би имал околу 140 лименки.

- Во мојата колекција имам речиси 100 лименки, претежно се различни вкусови, со исклучок на неколку лименки кои го имаат истиот вкус, но се со различен дизајн. Секоја лименка си има свој SKU-код што означува во кој месец и година е произведена таа серија на лименката. Многу колекционери во светот собираат лименки по тој SKU-код и познавам колекционер кој има над 2.100 лименки. Јас, пак, преферирам по вкус да ги собирам и така би имал околу 140 лименки за собирање. Нормално, не е возможно сите да ги најдам затоа што не можат да се најдат - објаснува Кристијан.



Колекција слична на онаа на Кристијан може да се продаде за најмалку 1.000 евра, а тој ни потврди дека неодамна добил понуда од Словенец кој сакал да му ја купи колекцијата за 2.000 евра.

- Многу колекционери ги продаваат своите колекции со празни лименки доколку им стигне соодветна понуда. Колекција слична на мојата може да се продаде од 1.000 евра, па нагоре. Постојат многу лименки што се произведуваа кога ги купив, но сега не се произведуваат и тие со текот на времето ќе достигнат многу голема цена, во зависност од тоа колку чести можат да бидат - вели Кристијан.

Сите лименки што се излезени во 2020 година веќе се во колекцијата на скопјанецот, а во моментов тој чека уште шест лименки. Најдалечната дестинација од каде што порачал енергетски пијалак е Бразил.

- Сакав да го најдам „Monster Energy Dragon Tea Lemon“, кој го има исклучиво во Бразил. На интернет не можеше да се најде никој што го продава, па затоа решив да најдам продавачи на други нешта од Бразил, па да им пишувам дека сакам да купам и да ми го набават. Еден од тие продавачи ми заврши работа и успеав да го порачам тој пијалак, но сè уште чекам да стигне - вели Кристијан и додава дека откако му кажал на Бразилецот дека тој енергетски е баран и дека може да го продава по многу повисока цена од онаа во Бразил, тој веќе почнал да печали пари.


Освен од САД и од Бразил, Кристијан нарачувал енергетски пијалаци и од Јапонија, Германија и Велика Британија. Поради тоа што се од различни земји, лименките се и со различни големини, најмногу поради мерните единици што се користат во различни земји (на пример, течна унца во САД и милилитри кај нас). Најголемата лименка му е од 32 унци, што е повеќе од 900 милилитри.

Кристијан направил и профил на „Инстаграм“ каде што објавува фотографии од лименките и го кажува своето мислење за енергетскиот пијалак. Тој го помни вкусот на секој енергетски пијалак што го пробал, а вели дека ги собира само оние што успеал да ги проба. Но, тоа не го спречува да продолжи да ја збогатува колекцијата.

- Ова хоби ми е многу интересно иако е прилично необично и на прсти се бројат колекционерите низ Балканов, но ги има. Особено ме изненади колку ги има низ светов, едноставно комуницираме преку страниците, разменуваме мислење, некогаш има понуди за размена на лименки, за продавање, за купување и така натаму - вели Кристијан.

Го прашавме дали некогаш би ја продал колекцијата, но вели дека би размислил само ако станува збор за добра понуда, а потоа колебливо додава: Ама некако сум приврзан за нив.