Мила Наумовска, студент на Колорадо колеџот: „Стипендијата ми покрива сместување и храна, а добивам и 3.000 долари џепарлак од колеџот на семестар“

Мила Наумовска, студент на Колорадо колеџот: „Стипендијата ми покрива сместување и храна, а добивам и 3.000 долари џепарлак од колеџот на семестар“

Подготвил: Јована Трајковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Деветнаесетгодишната Мила Наумовска од Скопје е студент на Колорадо колеџ во истоимената држава. Средно образование завршила на две локации – првите три години во скопската гимназија „Васил Антевски-Дрен“, а третата година, која ја повторувала, и четвртата ги завршила во Индија на колеџот „Махиндра“, при Светските обединети колеџи (UWC), од каде што добила меѓународно признаена диплома.

За колеџот во Индија, Мила дознала сосема случајно, преку „Инстаграм“, и без размислување аплицирала, меѓутоа, немала надеж дека ќе ја примат знаејќи дека во моментот нејзиниот фокус бил поставен на полето на спортот – одбојката. Откако официјално ја примиле, таа имала две опции за продолжување на средното образование – на колеџот во Кралството Есватини во Јужна Африка или во Индија, на колеџот „Махиндра“. Накратко таа ни го раскажа нејзиното искуство за дошколувањето во Азија.

- Целата настава во Индија ми беше на англиски, што искрено не ми преставуваше проблем поголемиот дел од времето бидејќи доволно добро го владеев јазикот уште пред да заминам за Индија. На кампусот обично сите делеа соба со уште 3 цимери, а една куќа обично имаше 2 соби, што значи по 8 луѓе во една куќа. Секоја куќа си имаше сопствени тоалети и туш-кабини, по две за секоја соба. Во трета година јас делев соба со две девојчиња од Индија, а во четврта година делев соба со едно девојче од Индија и едно од Чиле. Дружбата со другите ученици беше одлична, а јас и по природа сум многу дружељубива, така што поминувањето време во безделничење со пријатели ми беше високо на листата со приоритети. Се дружевме и на кампусот и во блиските села и градови, како и за зимските и летните распусти кога имавме шанса со месеци да се шетаме низ Индија и да доживееме незаборавни искуства - спиење во пустини под отворено небо до пливање на изгрејсонце во Индискиот Океан.



Факултетот нема семестри, туку функционира на принцип на блок-план

Таа е студент на колеџот во Колорадо, кој важи за хуманитарнонаучен колеџ (Liberal Arts College), каде што студираат околу 2.000 студенти и се наоѓа во градот Колорадо Спрингс. Живее на кампусот на колеџот во студентскиот дом „Лумис“, со цимерка која е од Америка, а има завршено средно во UWC-Мостар. Принципот на работа на колеџот е таков што не мора да се одбере насоката на студирање уште на почеток. Мила има голем интерес за општествените науки – историја и политички науки, па мисли дека ќе се одлучи да студира некоја од нив.

- Се запишав на факултетот со целосна стипендија што покрива школарина, сместување и оброци. Единствено нешто за кое што платив беа летовите до Колорадо, но мислам дека ќе ми дадат финансиска помош и за тоа ако побарам. Главната причина поради која го одбрав овој факултет беше тоа што не функционира на семестарски систем, туку на блокови, познати како блок-план. Тоа значи дека еден предмет го изучувам три и пол недели, а потоа имам пауза од пет дена. Односно, почнувам во понеделник, а завршувам во средата од четвртата недела. Од среда до недела немам часови, ниту други обврски, односно слободна сум да правам што сакам. Исто така, повеќе ми се допаѓаше политичката клима во оваа држава во споредба со некои други, а и близината на планините и можностите за поминување време во природа и скијање дефинитивно играа голема улога – раскажува Наумовска.



Еднакво време се посветува и на теорија и на пракса

Мила раскажува дека предавањата траат од 9 до 12 часот, а секој ден пред часот имаат квиз со четири прашања кој го покрива материјалот од претходниот ден.

- Предавањето на првиот академски ден започна во 9:30 часот и заврши во 12. За време на часот се запознавме подобро со професорката Гејл и таа нѐ понесе во светот на социологијата. Мојот прв предмет се вика Constructing Social Problems. Бидејќи уште сум во првиот блок, го имам искусено оценувањето на само една професорка. Секој ден пред часот имаме квиз со четири прашања за кои имаме 30 минути да ги одговориме и обично го покрива четивото што ни било зададено претходниот ден. При крајот на третата недела имаме презентација со партнер, а во четвртата недела имаме есеј и усно испрашување. Би рекла дека се одвојува еднакво време и за теорија и за пракса, особено кога станува збор за природните науки. Бидејќи јас повеќе живеам во светот на социјалните науки, секој ден се соочувам со проблеми од реалниот свет на кои треба да ги употребам алатките што сум ги научила од социологијата, при што се чувствувам спремна да го употребам моето знаење во пракса – вели Мила.



Во викенд студентите планинарат и кампуваат во природа

Колеџот се наоѓа во помал град во државата Колорадо, а неговата автентичност лежи во неговата локација, односно близината до планини, езера, национални паркови и други места за рекреација. Честа воннаставна активност на студентите на нејзиниот кампус е планинарењето или кампувањето.

- Многу студенти се веќе искусни кампери и планинари, така што речиси секој викенд голем број одлучуваат да го напуштат кампусот и да ги поминат тие 2-3 дена во природа. Првиот викенд од блокот го поминав кампувајќи на езерото Абис и супер си поминав. За тие што не се толку наклонети кон природните убави, центарот на градот нуди голем број барови, кафулиња, ресторани, како и мали продавници со локални изработки. Сѐ на сѐ, би рекла дека Колорадо Спрингс има по нешто за сечиј вкус – раскажува таа.

Колеџот ни обезбедува по 3.000 долари од семестар за користење на кампусот


- Студентската картичка може да се користи во сите кантини на кампусот, како и во книжарницата. Кога станува збор за надвор од кампус, можеме да ја користиме во одредени маркети, кафулиња и бистроа. Најголемата предност е што не станува збор за попусти, туку за плаќање со картичката од колеџот на која имам средства кои колеџот ми ги префрла пред секој семестар, околу 3.000 долари. Исто така, можеме бесплатно да ги користиме електричните велосипеди од одредена компанија која соработува со нашиот колеџ. Освен тоа, добиваме и бесплатен градски превоз, а доколку сакаме да одиме во Денвер, најблиската метропола до мојот колеџ, можеме да побараме бесплатни автобуски билети од колеџот. Моите месечни трошоци би рекла дека се околу 200-250 долари, и тоа се пари кои ги трошам на сопствени задоволства, како шетања, концерти, журки и слично - раскажува Мила.



Покрај предностите што ги нуди факултетот од финансиски аспект, тука се и предностите од образовниот дел. Станува збор за самиот образовен кадар, условите за работа, професорите и нивната отвореност за соработка.

- Би рекла дека имаме голем број предности, почнувајќи од квалитетот на образованието, самиот образовен кадар, како и ресурсите што ги нуди колеџот. Мојот колеџ го бие добар глас за тоа дека доколку побараме ресурси во правилниот сектор и кај правилните луѓе, 90 отсто од времето ќе ја оствариме нашата цел. Не е тајна дека факултетот е многу богат, па се трудам максимално да ги искористам ресурсите што ми ги нуди. Земам часови по пијано за 10 долари по семестар, а исто така учам и шпански бесплатно - вели Мила.

Карактеристично за нејзиниот факултет е тоа што им излегува во пресрет на своите студенти и по дипломирањето, како што раскажува Мила.



- Секој ученик има академски и социјален надзорник кои се на располагање секој ден од неделата. Голем број студенти одлучуваат да се запишат на постдипломски студии, па престижот кој го носи факултетот дефинитивно помага во тоа. Професорите се секогаш спремни да напишат писмо за препорака за своите ученици благодарение на добрите односи меѓу учениците и професорите. За оние што веднаш бараат работа, самиот колеџ често вработува на своите катедри, па голем број луѓе не се соочуваат со тешкотии при наоѓањето работа - ни споделува Мила.

Во иднина се гледа себеси како фотограф во новинска редакција во САД

По завршувањето на студиите, таа сака да го продолжи образованието на постдипломски и докторски студии. Една од нејзините цели е да работи како фотограф во некоја новинска редакција во САД, имајќи предвид дека сега ги прави почетоците на таа кариера, бидејќи работи како фотограф на својот кампус. Но, таа смета дека има и опција да се врати во Македонија, а неизбежни опции се и Јужна Америка и Индија.