Неколку години во минатото што биле полоши од 2020

Неколку години во минатото што биле полоши од 2020

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Оваа година несомнено ќе се памети како како една од најлошите. Започна со пожари во Австралија, а ни донесе и урагани, протести и пандемија. Годинава дефинитивно беше лоша. Но дали е најлоша во историјата на човештвото? Светот сведочел на прилично лоши години кои се борат со 2020 за титулата за најлоша година.

536 година

Во 536 година, за време на ерупција, еден вулкан во Исланд исфрлил толку многу пепел што голем дел од светот бил обвиткан во магла што го блокирала сонцето. Светот останал во темница 18 месеци, а во тоа време се намалиле температурите, не успевале земјоделските култури и се ширел глад. Во тоа време се појавила и бубонската чума, од која починале 25% до 50% од населението во Римската Империја.


Фото: Pixabay

1520 година

Во 1520 година не било толку лошо во Европа, но приказната е различна во двете Америки. Оваа година го означува почетокот на катастрофа. Кога Шпанците пристигнале во она што денес е Веракруз, Мексико, во април 1520, тие со себе ги донеле и сипаниците. До тоа време голем дел од европското население имало имунитет на оваа болест, но не и домородните жители во Јужна Америка.

До средината на октомври вирусот убил речиси половина од жителите во градот и се проширил заедно со европската колонизација. Според некои научници, дури 90% од населението во Јужна Америка и Северна Америка починале од сипаници во тоа време.

1918 година

Како што завршувала Првата светска војна, во светот се појавил нов вид грип кој предизвикал смртоносна пандемија што траела повеќе од една година. За разлика од моменталната пандемија, грипот во 1918 година најмногу ги погодувал децата помлади од 5 години и возрасните помеѓу 20 и 40 години.

Немало вакцина, а мерките за ограничување на собирите и охрабрувањето за водење хигиена давале мешани резултати. Тогашниот претседател на САД, Вудро Вилсон, воопшто не дал изјава за пандемијата кога вирусот пристигнал во САД. Грипот убил најмалку 50 милиони луѓе, а тоа е повеќе од бројот на смртни случаи во двете светски војни.


Фото: Pixabay

1933 година

Многу мрачни периоди во човечката историја не биле предизвикани од вирус или природна катастрофа. Подемот на Адолф Хитлер и незамисливиот хорор што следувал се најдобар пример. Во 1933 г. Хитлер искористил пожар во германскиот парламент за да ги уапси своите политички непријатели и да ја преземе власта. Се верува дека нацистичката партија го предизвикала пожарот со оваа цел.

Потоа Хитлер ги растурил демократските институции и стигнал до позиција со врховен авторитет, а ова се случувало додека светот бил во војна, а економијата била ослабена поради падот на американската берза во 1929 година.

По преземањето на Германија, Хитлер се насочил кон светот. Овие планови биле попречени од Втората светска војна, во која учествувале 30 држави и во која починале 75-80 милиони луѓе, од кои повеќето биле цивили. Освен ова, нацистите убиле 11 милиони луѓе во холокаустот. Војната завршила во 1945 година, но траумите не.


Фото: Pixabay

Непозната година

Има многу години што биле лоши за светот. Можеби најлоша година е онаа пред околу 65 милиони години кога астероид удрил во Земјата и предизвикал повеќе настани што довеле до изумирање на 75% од живиот свет на планетата, вклучувајќи ги и диносаурусите.

Автор: Ејвери Хурт
Извор: discovermagazine.com