Нашиот мозок може да ја надмудри вештачката интелигенција со еден паметен трик

Нашиот мозок може да ја надмудри вештачката интелигенција со еден паметен трик

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај брзиот напредок на вештачката интелигенција во последните години, скромниот човечки мозок сè уште има предност пред компјутерите кога станува збор за способноста да го пренесува наученото и да го применува во различни задачи. Ново истражување открива како го постигнуваме тоа.

Истражувањето е предводено од тим од Универзитетот „Принстон“, а истражувачите не спровеле експерименти директно врз луѓе, туку користеле животни кои се многу блиски до нас според биологијата и функцијата на мозокот - макаки-резус.

Од мајмуните било побарано да препознаваат форми и бои на екран и да гледаат во одредени насоки за да ги дадат своите одговори. За време на задачите, истражувачите користеле мозочни скенови за да проверат дали постојат преклопувачки шеми и заеднички области на активност во мозокот на животните.

Скеновите покажале дека мозокот на мајмуните користи различни блокови од неврони кои истражувачите ги нарекуваат „когнитивни лего-коцки“, при различни задачи. Постојните блокови можат повторно да се искористат и да се комбинираат за нови задачи, што покажува невронска флексибилност со која, засега, ни најдобрите ВИ-модели не можат да се натпреваруваат.

- Современите ВИ-модели можат да постигнат човечки, па дури и натчовечки резултати во поединечни задачи. Но тие имаат проблем кога треба да учат и извршуваат многу различни задачи. Откривме дека мозокот е флексибилен затоа што може повторно да ги користи компонентите на когницијата во многу различни задачи - вели невронаучникот Тим Бушман од Универзитетот „Принстон“.

 

Когнитивните лего-коцки што ги идентификувале истражувачите биле концентрирани во префронталниот кортекс, дел од мозокот поврзан со повисоки когнитивни функции како решавање проблеми, планирање и донесување одлуки. Според научниците, овој регион има важна улога во когнитивната флексибилност.

Истражувачите утврдиле и дека кога одредени когнитивни блокови не се потребни, нивната активност се намалува. Тоа укажува дека мозокот може да ги тргне настрана невронските лего-коцки што моментално не му се потребни, со цел подобро да се фокусира на задачата што ја извршува.

Ова објаснува како мајмуните, а можеби и луѓето, можат да се приспособат на предизвици и задачи со кои претходно не се сретнале, користејќи го своето веќе стекнато знаење за да ги решат. Токму тоа е нешто со кое сегашните форми на вештачка интелигенција сè уште имаат проблем.

На подолг рок, истражувачите сметаат дека овие откритија би можеле да помогнат во обука на ВИ-системи кои подобро се приспособуваат на нови задачи. Истражувањето може да биде корисно и за развој на терапии за невролошки и психијатриски нарушувања, кај кои луѓето имаат проблем да ги применат своите вештини во нови ситуации.

Иако честото префрлање меѓу задачи не е секогаш идеално за мозокот, примената на знаењето од една задача на друга може да биде корисен краток пат.

- Ако мозокот може повторно да користи претстави и пресметки низ различни задачи, тогаш тоа му овозможува брзо да се приспособи на промените во околината или преку учење на соодветната претстава за задачата преку повратна информација за награда, или преку нејзино повикување од долгорочната меморија - заклучуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во списанието „Нејчр“.

Извор: ScienceAlert
Фото: Freepik