Сезона на божиќни филмови - ова е листата со најдобрите на сите времиња
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Изборот на божиќен филм околу кој ќе се согласи целото семејство може да биде вистински предизвик, а дискусии за најдобриот празничен наслов се водат секоја година. Сепак, наместо да се потпираме на лични вкусови, одговорот го нудат бројките.
Со комбинирање на оцените од популарните страници „Ротен томејтос“ и „IMDb“ е составена конечната листа на најдобрите божиќни филмови на сите времиња.
На самиот врв, очекувано, се најде безвремениот класик од 1946 година. „Животот е прекрасен“ (англ. „It's a Wonderful Life“).
„Ротен томејтос“ го опишува како празничен класик што ги дефинира сите празнични класици и еден од ретките филмови вредни за гледање.
Со оцена од критичарите од 94 отсто, оцена од публиката од 95 отсто и рејтинг 8,6 на „IMDb“, „Животот е прекрасен“ има највисока комбинирана оценка на листата.
Веднаш зад него, на второто место, се наоѓа „Клаус“ (англ. „Klaus“), убава анимирана приказна од 2019 година за поштар кој се спријателува со осамен производител на играчки. Филмот ги освои и публиката и критиката со емотивната приказна и уникатниот визуелен стил.
Третото место му припадна на поновиот наслов „Останатите“ (англ. „The Holdovers“) од 2023 година. Пол Џијамати го глуми намќорестиот професор кој е принуден да ги помине празниците во интернат со ученици што не можеле да си заминат дома. „Ротен томејтос“ го опишува како драма што поттикнува на размислување, со извонредни актерски остварувања.
Остатокот од топ-10 листата
Во топ-10 се најдоа и класици како: „Продавница зад аголот“ (англ. „The Shop Around the Corner“), aкциониот хит „Умри машки“ (англ. „Die Hard“), комедијата „Апартман“ (англ. „The Apartment“), анимираниот мјузикл на Тим Бартон „Ноќта пред Божиќ“ (англ. „Тhe Nightmare Before Christmas).
Филмови што можете да ги прескокнете
Од друга страна, податоците откриваат и кои остварувања би требало да ги избегнете овој Божиќ.
Според критичарите од „Ротен томејтос“, најлошо оценет празничен филм е „Украсено соседство“ (Deck the Halls) со Метју Бродерик и Дени де Вито.
Публиката, пак, најниска оцена му дала на хоророт „Црвен Божиќ“ (англ. „Red Christmas“) од 2016 година.
Корисниците на „IMDb“ за најлош божиќен филм го прогласиле „Злобниот“ (The Mean One), хорор од 2022 година инспириран од ликот на Гринч.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube