Ова е точниот број на алкохолни пијалаци што го удвојуваат ризикот за добивање рак на дебелото црево

Ова е точниот број на алкохолни пијалаци што го удвојуваат ризикот за добивање рак на дебелото црево

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нова научна студија дава загрижувачки, но важни податоци за врската меѓу пиењето алкохол и ризикот од појава на рак на дебелото црево. Истражувачите го утврдија точниот број на алкохолни пијалаци што значително ја зголемуваат веројатноста за појава на болеста, во време кога бројот на случаи на колоректален карцином брзо се зголемува кај луѓето под 50 години.

Според истражувањето објавено во стручното списание „Канцер“, луѓето што пијат просечно 14 алкохолни пијалаци неделно, што е околу два пијалаци дневно, имаат 25 проценти поголем ризик од ректален карцином и 95 проценти поголем ризик од рак на дебелото црево. Со други зборови, ризикот е речиси двојно зголемен.

Како влијае алкохолот врз нашите црева

Студијата вклучувала податоци од повеќе од 88.000 возрасни лица запишани во голема американска програма за скрининг за рак на простата, белите дробови, дебелото црево и јајчниците. Се покажало дека луѓето што консумираат алкохол многу години имаат двојно поголем ризик од развој на колоректален карцином во споредба со луѓето што пијат малку или повремено.

- Колку подолго некој консумира алкохол, толку подолго мукозните мембрани на дебелото црево и ректумот се изложени на оштетување и побавна регенерација на ткивата, што се клучни механизми во развојот на ракот - објаснува д-р Лин О'Конор, началник на Одделот за колоректална хирургија во Медицинскиот центар „Мерси“ и болницата „Св. Јосиф“.

Сè повеќе млади луѓе заболуваат од рак на дебело црево

Овие податоци доаѓаат во време кога има континуирано зголемување на бројот на пациенти со рак на дебело црево кај помладата популација. Според Американското здружение за рак, бројот на луѓе под 50 години на кои им е дијагностицирана оваа болест расте за речиси 3 проценти годишно. Во исто време, кај луѓето над 50 години фреквенцијата се намалува, првенствено благодарение на редовните превентивни колоноскопии.


Ракот на дебелото црево најчесто започнува со развој на полипи, мали израстоци на слузницата на цревата, според клиниката „Мајо“. Полипите обично не предизвикуваат симптоми, поради што често се откриваат на превентивни прегледи. Иако не секој полип ќе стане малиген, нивното навремено отстранување значително го намалува ризикот од развој на рак.

Аденомите, вид полип кој се смета за преканцероген, се особено значајни. Како што објаснуваат експертите од Американското здружение за рак, може да потрае до 15 години за полипот да се развие во рак, што остава многу време за превенција ако се вршат редовни колоноскопии.

Добри вести за оние што престануваат да пијат

Сепак, постои охрабрувачка страна на оваа приказна. Истражувачите истакнуваат дека прекинувањето на консумирањето алкохол може да го намали ризикот од развој на аденоми, додека долготрајното консумирање алкохол го зголемува ризикот.

Пораката од експертите е јасна. Намалувањето или целосното прекинување на внесувањето алкохол, заедно со редовните превентивни прегледи, може да игра клучна улога во заштитата на здравјето на дебелото црево, особено во помладите години кога симптомите често се занемаруваат или погрешно се толкуваат.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik