Опаѓа бројот на средношколци и основци, но се зголемува бројот на наставници

Опаѓа бројот на средношколци и основци, но се зголемува бројот на наставници

На почетокот на учебната 2021/2022 година бројот на учениците во редовните основни училишта е 186.649, што претставува намалување за 0,5% во споредба со претходната учебна година. Истовремено, бројот на учениците во редовните средни училишта на почетокот на учебната 2021/2022 година е 71.018, што претставува намалување за 1,1% во споредба со претходната учебна година, соопшти Државниот завод за статистика.

Податоците на ДЗС покажуваат дека во Македонија има 972 редовни основни училишта со 11.146 паралелки и 19.138 наставници, од кои 16.213 се со полно работно време, а 2.740 се на определено време. Во редовните основни училишта претходната учебна година сме имале 187.555 ученици, што е за 906 ученици повеќе од годинава.

Забележливо е тоа што имаме едно редовно основно училиште помалку од учебната 2020/2021, но 60 паралелки повеќе. Исто така, може да се види дека бројот на наставници е зголемен за 406 наставници, а најголемо зголемување има во бројот на наставници вработени со полно работно време (400).

Во земјава имаме и 38 специјални основни училишта, што е за 4 помалку од претходната учебна, кога имало 42. Во специјалните основни училишта учат 672 ученици, а предаваат 249 наставници. Во специјалните основни училишта е забележан пад и на бројот на ученици и на кадарот.

Бројот на основни училишта за возрасни е ист како и претходната учебна година (12), а во нив годинава учат 384 лица и предаваат 46 наставници.

Фото: ДЗС (screenshot)

Во однос на средното образование, податоците на ДЗС покажуваат дека во земјава има 129 редовни средни училишта, што е за едно повеќе од претходната учебна година. Бројот на паралелки во редовните средни училишта е 3.526, што е за 18 паралелки помалку од минатата учебна година, кога сме имале 3.544 паралелки. Се забележува пад на бројот на ученици во редовните средни училишта, каде што лани учеле 71.811 ученици, додека годинава учат 71.018, што е за 793 ученици помалку.

Бројот на наставници во редовните средни училишта е 7.158, од кои 6.231 се со полно работно време. Иако опаѓа бројот на ученици, може да се забележи зголемување на бројот на наставници. Имено, минатата учебна година нивниот број во редовните средни училишта бил 7.142.

Вкупно 231 средношколец учат во 4 специјални средни училишта, а 154 посетуваат 2 средни верски училишта.

Фото: ДЗС (screenshot)