Цената на храната ќе се зголемува секоја година, предупредуваат научниците

Цената на храната ќе се зголемува секоја година, предупредуваат научниците

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Климатските промени, а особено зголемувањето на температурите, може да предизвикаат зголемување на цените на храната за 3,2 отсто годишно, според новата студија на истражувачи во Германија.

Како што климатските промени продолжуваат да се влошуваат, оваа инфлација на цените ќе значи дека сѐ повеќе луѓе во светот ќе немаат разновидна и здрава храна или едноставно ќе немаат доволно храна. Новата анализа покажува дека глобалното затоплување може да предизвика зголемување на инфлацијата на цените на храната помеѓу 0,9 и 3,2 процентни поени годишно, до 2035 година. Тоа ќе значи дека поголемиот дел од приходот на домаќинството ќе треба да се потроши за купување храна.

Овој ефект ќе биде почувствуван низ целиот свет - и во земјите со високи и во оние со ниски приходи. Африка ќе биде најпогодена и покрај тоа што најмалку придонесува за климатските промени.

Истражувањето за безбедноста на храната во Гана, Западна Африка, дава чувство за тоа што може да значи инфлацијата на цените во практика.

Меѓувладиниот панел за климатски промени ја опишува Западна Африка како „жариште“ на климатските промени, со модели кои предвидуваат екстремно зголемување на температурите и намалени врнежи. Бидејќи повеќе од половина од населението е директно зависно од земјоделството, Гана е особено ранлива на климатските промени.

Неодамна беше спроведена студија во Мион, рурална област на северот од земјата. Разговарано е со речиси 400 луѓе, а еден од нив истакнал дека доживеале одреден степен на несигурност во храната во претходните 12 месеци. Околу 99 отсто рекле дека климатските промени се барем делумно виновни. Дополнително, 62 отсто биле умерено или сериозно несигурни во однос на храната, а 26 отсто доживеале тешка несигурност во однос на храната (остануваат без храна цел ден). Овие проценти се многу полоши од националните просеци на Гана (39 отсто и 6 отсто соодветно), но слични на некои од најсиромашните земји во Западна Африка како Того, Буркина Фасо и Бенин.

Слична студија била спроведена и меѓу бегалците од Буркина Фасо, кои избегале преку границата во горноисточниот регион на Гана. Повторно, 100 отсто доживеале несигурност во храната.

Мион не страда од ненадеен глад и ништо особено необично не се случило за да ја предизвика оваа несигурност со храната. Оваа ситуација се смета за „нормален феномен“ поради ефектите од климатските промени.

Инфлацијата на храната поврзана со климата може да се подели на два меѓусебно поврзани проблеми.

Менување на годишните времиња, штетници и болести


Првиот е дека истите ефекти од климатските промени што ја предизвикуваат инфлацијата веќе го отежнуваат пристапот до храна. На пример, повисоките температури може да предизвикаат поместување на долго воспоставените и предвидливи земјоделски сезони и така може да го попречат растителното производство. Други последици може да се поголема појава на штетници и болести, кои ги исцрпуваат резервите на добиток и храна.

Сите овие фактори ги зголемуваат цените и ја намалуваат куповната моќ на погодените домаќинства.

Вториот дел од овој проблем е самиот пораст на инфлацијата. Годишното зголемување на цената од 3 отсто би значело дека домаќинствата ќе бидат помалку способни да го купат она што им е потребно. Веројатно ќе треба да направат компромис за квалитетот. Ова за возврат ги прави луѓето поранливи на болести и други здравствени проблеми. Неухранетоста е водечка причина за имунодефициенција на глобално ниво.

Истражувачите посочуваат дека намалувањето на емисиите на стакленички гасови може да го ограничи секое влијание врз глобалната економија. Интервенцијата на владите, исто така, може да обезбеди финансиска заштита и нутритивна помош за оние што се ранливи и останале заробени во циклусот на сиромаштија поради инфлацијата и намалената пристапност до храна.

 

Извор: Science Alert

Фото: Freepik