Горан Стојменовиќ од Куманово, еден од добитниците на „Оскар“ за развој на ласерски проектор за филмови во кино: „Доделувањето во Холивуд беше како сон“

Горан Стојменовиќ од Куманово, еден од добитниците на „Оскар“ за развој на ласерски проектор за филмови во кино: „Доделувањето во Холивуд беше како сон“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонецот Горан Стојменовиќ и двајца негови колеги, Баутер Достерлинк и Петер Јансенс од белгиската компанија „Барко“, добија „Оскар“, односно награда за лични заслуги во полето на науката и технологијата за филмска продукција која ја доделува Американската академија за филмски уметности и науки.

Наградата, позната во светот на филмската технологија како „технички“ „Оскар“, е признание за тројцата инженери за нивниот траен придонес за развојот на ласерски проектор за проектирање филмови во кино, кој првпат проектирал во 2014 година.

За Факултети.мк, Горан вели дека веста за наградата ја дочекале во неверување, но потоа им станало јасно дека тоа е признание кое не се доделува на секого. Признанието го добија на свеченост која се одржа во Холивуд во салата „Дејвид Гефен“, во Музејот на Американската академија за филмски уметности и науки.

- Кога стигна веста дека ја добивме наградата, првин не можевме да веруваме, ама малку по малку ни стана јасно дека тоа е извонредна чест која не се доделува на секого. Процесот започна пред две години кога еден наш колега нѐ номинираше. Во наредните неколку месеци следуваа разговори со членови на Академијата кои вршеа истражување за личниот удел - кој што конкретно направил во развојот на нашата технологија. Минатиот декември ни стигна порака со честитки од Академијата дека ние тројцата, колегите Петер, Ваутер и јас, сите од фирмата „Барко“, ја добивме наградата. Бевме многу возбудени. Свеченоста на доделувањето на наградите беше прекрасна: во киносалата на Музејот на Академијата со професионална аудио и видеопродукција. Имавме свечена вечера по наградите и таму се видовме со бивши соработници од индустријата кои со години не сме ги виделе. Накратко, беше како сон - ги сподели своите импресии кумановецот Горан Стојменовиќ.



Иновацијата на Горан и на колегите датира од 2014 година кога првпат на пазарот излезе нивниот проектор со црвени, сини и зелени ласери. До тој момент сите филмски проектори употребувале ксенон ламби како извор на светлина и нивниот продукт ја сменил филмската индустрија.

- Одеднаш им се овозможи на киносалите да ја дуплираат светлината на екраните, да проектираат 3Д со многу посилни бои и самата слика стана почиста. Истовремено, замената на ламбите со ласери овозможи значајно намалување на трошоците на одржување и трошоците за електрична енергија. Тоа беше наша првична технологија. Оттогаш нашата фирма „Барко“ постојано инвестираше во усовршување на технологијата, поевтини и помали проектори, така што во последните години пазарот речиси целосно се преориентира кон ласерската технологија. Академијата на овој начин нѐ призна нас и другите фирми во полето како пионери затоа што таа иновација доведе до траен придонес во индустријата - објасни Стојменовиќ.

Класичните пет големи студија: Дизни (кој ги содржи Марвел, Пиксар, Лукас филм...), Фокс, Варнер, Сони и Универзал се клиенти на „Барко“, односно компанијата во која работи Горан соработува речиси со сите студија, а покрај нив има уште една цела низа независни куќи за филмска постпродукција кои ја инсталирале нивната технологија.

Во тој период, Стојменовиќ работел како продукт-менаџер, бил задолжен за дефинирање спецификации, донесување технички одлуки и интеракција со првични клиенти. Во моментов е директор на развој и во неговата група има околу 35 инженери од разни струки (софтвер, механика, електроника, оптика), кои работат на целосен развој на нови видеопроектори, од нацрт-шема до производство.



Кариерата ја почнал во компанијата во 2005 година, а работи во секторот видеопродукција од 2011. Завршил на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, по што во 2001 се запишал на постдипломски студии и докторат во Белгија.

- При крај на студиите по применета физика на ПМФ во Скопје отидов во Белгија на студентска размена за да вршам истражување на тема оптика во рамките на дипломската работа. По дипломирањето на ПМФ кај професорот Доне Гершановски во 2001 година, пак заминав за Белгија на постдипломски и докторат на истиот институт каде што бев претходно. Докторатот ми помогна да најдам работа во фирмата „Барко“ (Barco) во која работам веќе 19 години. Моментално работам како директор на развој на проектори - истакна македонскиот физичар и инженер.

Тој планира да ја продолжи кариерата во истата компанија и неговиот фокус останува врвната технологија, која никогаш не му е здодевна поради силната динамика на развој.

- Во право сте дека технологијата се развива со силна динамика. Пазарот и апликациите за проекција многу се раширија во последните неколку години. Покрај киносалите, проекторите се употребуваат за проекција на згради, на фестивали, во музеи, атракции и многу други примени. Нашиот фокус останува врвната технологија која одговара за вакви и идни намени, која секогаш има поубава слика со повеќе светлина, ама истовремено е спакувана во сѐ помали проектори со подолг век на траење - најави кумановецот Горан Стојменовиќ.



Фото: приватна архива